На денешниот Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, свое обраќање имаше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој ги претстави проектите и инвестициите што се реализираат во градот.
Коњановски истакна дека општината вложува во инфраструктурата преку целосна реконструкција на улици со водоводна и канализациона мрежа. Според него, веќе е завршена првата третина од комплетната реконструкција на 800-метарскиот влез во Битола – долгогодишен проблем на градот.
„Направивме над 50 километри улици и во урбаните и во руралните средини. Улицата Бурса го решава густиот транспорт, влезот спрема Охрид е дооформен со нов мост, а реконструирани се и неколку поголеми улици како Крушевска Република и Стив Наумов“, изјави Коњановски.
Градоначалникот најави и големи инвестиции во спортот – реконструкција на стадионот „Петар Милошевски“, изградба на нова боксерска сала, велосипедски патеки и памп трака за рекреација.
„Стадионот го подготвуваме во полн сјај за претстојните натпревари, реконструкцијата на јужната трибина е огромен проект за градот. Во непосредна близина изградивме нова боксерска сала на местото на старата руина, а реконструиравме и спортска сала која по многу години повторно ги исполнува условите за Лигата на шампионите“, рече Коњановски.
Покрај тоа, општината веќе изгради два нови паркинга, а со проектите поддржани од Владата се очекуваат уште пет. Битола издвојува и значителни средства за спортските клубови – над 1,5 милиони евра годишно.
„Првите велосипедски патеки се завршени – повеќе од 5,5 километри со комплетно обележување, но тука не застануваме“, додаде градоначалникот.
Текстот Коњановски вети големи проекти, како реконструкција на улици, нов мост и инвестиции во спортот е превземен од МАКФАКС.