Кандидатот за градоначалник на Битола од редовите на СДСМ, Методија Куновски, на денешната прес-конференција изјави дека доаѓа крајот на, како што ја нарече, „четиригодишната ера на разочарувања и промашувања на актуелниот градоначалник Тони Коњановски“.

„Битола заслужува градоначалник кој нема да работи за тебе, за мене, за мала група луѓе или за партијата, туку за сите граѓани. Човекот мора да биде пред сè“, рече Куновски.

Тој го обвини Коњановски за недомаќинско и хаотично работење, со бројни раскопани и нефункционални улици, долгови на јавните претпријатија и нереализирани капитални проекти.

„Јавните претпријатија се во долг од над 3 милиони евра, а ниту една нова машина не е набавена. Укинати се бесплатните 15 минути паркинг, а нови паркинг-места нема. Наместо спортски комплекс, нови кружни текови или училишта, добивме импровизиран кружен тек кај Стрелиште и сообраќаен хаос“, нагласи Куновски.

Кандидатот од СДСМ истакна и дека сметките на училиштата должат скоро 50 милиони денари, а некои објекти се затворени поради прокиснување на крововите.

„Жителите на повисоките делови од Битола секој втор ден немаат вода, а цената за водоснабдување е зголемена. Градинки нема за Бистрица и околните села, а градот е преполн со бездомни кучиња“, додаде тој.

Куновски го обвини Коњановски и за расфрлање со јавни пари.

„Немаше средства за ранливите категории семејства, а потроши повеќе од 4 милиони денари за кафеани и 10 милиони денари за нови возила од фирма блиска на министерот за надворешни работи“, рече Куновски.

Во своето обраќање тој порача дека битолчани ќе стават крај на ваквото владеење.

„После четири години застој и скандали, Битола ќе избере одговорна, отчетна и транспарентна локална власт“, заклучи Куновски.

Текстот Коњановски потрошил милиони без ниту еден капитален проект, рече Куновски од СДСМ е превземен од МАКФАКС.