На почетокот на 2024 година, неколку медиуми известија за измамнички СМС пораки, во кои лажна страница на Пошта на Северна Македонија бара од примачот да плати царинска такса за пристигнат пакет.
На 5 јануари 2024, АД „Пошта на Северна Македонија“ јавно предупреди за „Лажни информации и злоупотреба на името на Пошта на Северна Македонија“ укажувајќи дека „граѓаните добиваат пораки на телефон со невистинита содржина“.
И на 8 и 9 јануари 2024 година, повеќе медиуми известија за измамата преку лажни СМС пораки, како и дека стотици граѓани биле цел на оваа интернет измама. Некои граѓани станале жртви откако дале банкарски податоци на лажната страница, по што од нивните сметки биле вршени исплати по неколку стотици евра.
И МВР преку медиумите информираше дека презема мерки за расчистување на случајот, апелирајќи до граѓаните да не наседнуваат на вакви измами и никако да не ги испраќаат своите лични податоци преку интернет.
Ова не е првпат Поштата да предупредува за злоупотреба на нејзиното име во СМС пораки, што се гледа и од објавата на 27 ноември 2023 година, за која извести и ТВ Алсат.
До подготовката на оваа емисија, лажната страница на „Пошта на Северна Македонија“ со адреса mkposta.com беше се уште активна. За да не наседнуваат на вакви измами, граѓаните треба да ги следат информациите на официјалната веб-страница www.posta.com.mk, а не на други страници. Исто така, потребно е да знаат дека единствено и официјално известување за достава на пратки вршат пошторазнесувачите, како што стои на сајтот на АД Пошта.
Ваквите лажни пораки ги оценуваме како дезинформации, затоа што ја уриваат довербата во јавниот поштенски оператор. Граѓаните треба да бидат многу внимателни со вакви лажни СМС пораки и веб-страници, за да не претрпат големи финансиски штети.
Превземено од СМК.мк