Пишува: Агим Јонуз
Нема да бидеме искрени ако не признаеме дека многу пати во животот сме ја слушнале реченицата „не дај боже да се разболиш, ако немаш пари подобро умри веднаш‘‘! Јас сум ја чул, па токму тоа ми дава повод да подразмислам малку на таа тема. Живееме во апсолутно комерцијално време, каде е факт дека повеќе или помалку се врти се околу парите. Сето тоа е разбирливо, но тука има некое правило. Има некои закони кои се вон хартијата и пишаниот правилник. Тоа се вика „етика‘‘. Етиката е универзален поим кој се однесува на сите гранки во општествениот живот, ама некако, најемотивно го доживуваме кога зборуваме за здравството и системот што се декларира како бесплатно здравство. Ма, бесплатно е „мало морген‘‘! Што вика народот, „ни во тоалет не можеш да одиш ако барем и за најбанална работа во здравствена установа не платиш од сопствениот џеб‘‘! Значи, иронијата на филозофијата ‘‘бесплатно здравство‘‘ доживува ренесанса.
Апсурд е да се споредува декларативното бесплатно здравство со приватниот здравствен сектор, затоа што во приватниот правилата се јасни, гласни и концизни. Вели, „сакаш првокласна услуга, лек и решение‘‘?,.. Да! Ок! Тоа чини „толку и толку‘‘. Никој не те „тепа“ да одиш во приватна здравствена установа. Тоа е твој избор во рамките на можностите и твојата општествена позиција од социјален аспект. Значи проста дефиниција – имаш пари – оди приватно, а ако немаш пари – ене ти државна установа. Е, тука е зајакот кој сакаме да го анализираме во овој текст. Која е разликата во понудата, услугата и квалитетот и на крајот кој сето тоа го плаќа во државното здравство. Нели, бесплатно е! Нели, државата се грижи за граѓанинот, му обезбедува услови да се лекува во сите комбинации. Е, и на тоа повторно во текстот ке го употребиме зборот „мало морген‘‘. Комплетниот здравствен систем во Македонија минува низ еден период за кој народот вели „не се знае ни кој пие ни кој плаќа‘‘ додека пациентите се соочуваат со апсурди во моменти во кои неретко животот им виси на конец. Здравственото осигурување во Македонија носи многу парадокси. Како прво, сведоци сме дека здравствениот систем е во распад од многу причини, но да нагласиме дека покрај политичкиот импакт за кој многу имаме дискутирано и анализирано, клучен е и финансискиот. Тој подразбира квалитетно планирање на фондовите кои во сите комбинации на граѓанинот треба да му обезбедат квалитетна услуга во здравството. Ако земеме во предвид дека фондот за здравство треба да ги покрива сите трошоци на лечење на еден осигуреник, при тоа имајки во предвид дека тоа нема и не смее да има ограничености кога зравјето е вопрашање, која е заштитеноста на граѓанинот во смисла на „колкава и каква е палетата на услуги што ги добива во јавното здравство‘‘. Тука доаѓаме до клучната „рак рана‘‘ која вели дека во здравствен систем што се распаѓа, е криминоген, политизиран и застарен, единствен начин да граѓанинот добие комплетна услуга е да се воспостави сериозна и поквалитетна соработка со приватното здравство. Какви се искуствата, дали има добра воља и во што се состои проблемот. Едноставно! Во парите! Приватното здравство функционира исклучиво по принципот ‘‘плати па клати‘‘. А кој да ги плати ‘‘приватњаците‘‘ ако се земе во предвид дека веќе искуствата се лоши и имаме релација во која фондот за здравтво веќе има покажано големи недоследности.
Најдобар пример за тоа е искуството со Ковид пандемијата кога државата ги обврза приватните клиники да преземат дел од пациентите, да ги стават своите капацитети на располагање и да придонесат во успешното справување со пандемијата. На крајот, се покажа дека фондот за здравство и покрај својата обврска, се зборува дека никому ништо не плати, а приватниот сектор ‘‘сакал-нејќел‘‘ мораше од некого да си ги наплати своите услуги. Најдобар пример за тоа е приватната клиника ‘‘Жан Митрев‘‘ која на крајот не само што не беше исплатена за своето учество во лекувањето и третманот на пациентите болни од Ковид, туку дури беше и обвинета во јавноста дека имала злоупотреба со наплатата на она што легитимно го испорачала. А тоа е – адекватно и квалитетно лекување. Прашањето кое е просто е, кој и на кого треба да му наплаќа во ситуација на наметната соработка. Значи, фондот не му плаќа на ‘‘приватњакот‘‘, тој дава услуга, а секако на крај сметката треба да биде испорачана. Јас не велам дека тоа е криминал ништо помалку од самото обвинение, но логиката е едноставна.
Приватните здравствени институции вклучувајки го и ‘‘Жан Митрев’’ клиника не се хуманитарни организации. Тоа се приватни здравствени институции кои работат по принципот на финансиска самоодрживост и финансиско планирање. Самиот Фонд за здравство е ограничен во своите можности да му понуди на обичниот граѓанин високо квалитетна и сеопфатна услуга на обичниот граѓанин. Приватното здравство нуди по квалитетна и по комплетна услуга. Впрочем, тоа и му е улогата. Арно ама!
Јас како обичен граѓанин го прашувам следново. Ако јас како граѓанин најрегуларно и редовно си го плаќам „своето‘‘ кон државата во вид на „здравствено и пензиско‘‘ секој месец, тогаш зошто јавното здравство мене не ми дава адекватна и квалитетна услуга!? Мене не ме интересира друго. Зошто јавното здравство преку својот фонд за здравство не направи квалитетна соработка со приватното здравство и палетата на „услуги‘‘ кон своето население не го подигне на ниво на „сериозна грижа и заштита‘‘. Зошто!? Пак, се враќаме на истото! Ради парите. Фондот го краде во државата секој на свој начин и секој со своите модели на ‘‘нешто тебе – нешто мене „низ тендери, низ правила и правилници кои дозволуваат манипулации од различен карактер. Здравствениот систем паѓа во колапс, а пациентите ( читај обичниот народ) повторно на крај и покрај „бесплатното здравство‘‘ плаќа за се. Тоа е парадокс. И тука на крај најлегитимно поставуваме прашање од милион долари. Ако постои легитимен обрт на ( народни) пари, зошто обичниот граѓанин не добива квалитетна ( адекватна) здравствена заштита. Системот е во колапс. Се повеќе и повеќе се јавните повици за сериозен „ресет‘‘ во здравството. Фондот за здравство е само еден дел од системот. Тој мора да се ревидира, реорганизира, редефинира и ресетира во делот на собраќајот на пари. Да соработува со приватните здравствени институции, со осигурителните компании кои се во подем по прашањето на вмешување во здравството. За да ‘‘мене‘‘ на обичниот граѓанин кој доследно си ги плаќа давачките кон државата ми понуди здрава, квалитетна и адекватна здравствена услуга.
На крајот се поставува сериозно а обично прашање. Се разболувам. Паѓам во постела. Барам лек. Државата вика ‘‘ чекај‘‘,.. нема сега,.. ќе биде ( на ‘‘куково лето‘‘), операција напролет, сега нема место, ама ако сакаш плати па утре може докторот,…. ПА ЗОШТО ДА ТИ ПЛАЌАМ БЕ! КАДЕ МИ СЕ ПАРИТЕ!?! КОЈ Е ТУКА ‘‘НА МАСА А КОЈ НА КАСА БЕ‘‘!!! Има ли некој решение!?!
Има!,… ама, кој да ‘‘пука‘‘прв!!!