Петтиот ден на Саемот на книга носи една од најочекуваните книжевни вечери: Промоцијата на „Memento Mori“, новиот роман на Анде Јанков, водечки македонски автор во крими жанрот. Настанот ќе се одржи вечерва во 18 часот и ветува длабока книжевна атмосфера, средба со авторот и откривање на најновата авантура на инспектор Виктор Николов, јавува Трибуна.

Роден во Велес во 1988 година, Анде Јанков припаѓа на новата генерација македонски романописци што со своите дела успешно ги прошируваат границите на жанровската литература кај нас. Дипломиран економист од Економскиот факултет во Скопје, Јанков активно се занимава со пишување од 2015 година. Автор е на неколку романи, основач на поткастот „Книжевни разговори“, и член на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес. Неговата љубов кон пишаниот збор и посветеност кон книжевноста се препознаваат во секоја страница од неговите дела.

Со „Memento Mori“, петтото продолжение во серијалот за инспектор Николов, Јанков повторно ја комбинира криминалистичката тензија со интимна човечка драма. По мрачните настани од „Тера“, инспекторот е на работ на сопствената издржливост – оддалечен од семејството и потиснат на работното место. Патувањето во Загреб за да го посети братот Даниел, драмски автор на нова поставка на „Хамлет“, набргу се претвора во вистински кошмар кога во хотелот каде што престојуваат се случува убиство. Безбедносната и емоционалната рамнотежа се рушат – и за инспекторот, и за читателот.

„Memento Mori“ не е само уште еден крими-роман – тоа е интелигентна и возбудлива литература што поставува прашања за моралот, вината и вечноста. Настанот на Саемот е можност да се сретнете со авторот, да слушнете за инспирацијата зад серијалот и да бидете дел од промоцијата на едно од најзрелите дела на македонската жанровска сцена.

Во ноември 2024 година романот на Јанков „Виенски гамбит“ стана достапен и на полиците на бугарската издавачка куќа „Персеј“. Ова претставува важен чекор за присуството на македонската криминалистичка проза на поширокот регионален пазар.