Клиника Жан Митрев извести дека досега вкупно девет пациенти биле згрижени во Клиниката, од кои тројца пациенти кои беа во животна опасност и беа итно интубирани, се пренесени на лекување во соседните земји. Останатите шест пациенти добија соодветен третман, при што тројца од нив веќе се во стабилна состојба и ќе бидат пуштени на домашно лекување, додека другите тројца пациенти остануваат на дополнителна опсервација.

„Клиника Жан Митрев од првиот момент ги отвори вратите за сите повредени во трагичниот настан во Кочани и со целосна поддршка и максимална посветеност ги стави на располагање сите свои ресурси, целиот медицински персонал, болничките капацитети и амбулантните возила.

Тимот на болницата лекари, медицински сестри и болничари, заедно со специјално опремените амбулантни возила, постојано се ангажирани во транспорт на најтешко повредените пациенти не само до и од клиниката, туку и од други здравствени установи во земјата и странство. Во изминатиот период беа транспортирани повеќе од десет пациенти кон различни здравствени центри, вклучувајќи ги аеродромите во Скопје и Солун, како и болниците во Белград, 8 Септември, Клиничката болница Климент Охридски и други“, велат од Клиниката Жан Митрев.