Од Клиниката Жан Митрев се огласија со соопштение по вчерашната изјава на обвинителката Искра Хаџивасилева која по одложувањето на првото рочиште за судењето на Жан Митрев, на обвинетиот му порача дека може да понуди и друга гаранција за да се одмрзнат сметките и додаде дека таа мора да води грижа и за побарувањата на оштетените пациенти и семејства.
Во соопштението се вели:
Работењето и сметките на Клиника Жан Митрев се сѐ уште блокирани откако Кривичен суд на само еден ден пред закажаното прво рочиште донесе пресуда со решение за целосно блокирање на сметките на болницата, а обвинителката изјави дека нема намера да ја блокира болницата и тековното работење. Во тој случај, доколку обвинителката вели дека нема намера да ја блокира болницата и тековното работење нека побара деблокирање на сметките. Клиника Жан Митрев ќе понуди имот како гаранција.
Целосно неосновано е образложението на Кривичниот суд дека се блокираат сметки на правни лица кои не се од интерес на клиниката. Напротив, со донесените мерки работењето на болницата Жан Митрев, која е здравствена организација од јавен интерес трпи штети.
Сепак, Клиника Жан Митрев и во вакви околности и под ваков притисок, со блокирана сметка продолжува да работи со своите пациенти и лекувањето на ниту еден пациент нема да биде доведено во прашање.