Податоците од клиничките испитувања на две вакцини против Ковид-19 покажуваат дека јужноафриканската мутација на корона вирусот ја намалува нивната ефикасност во заштитата од болеста.

Вакцините од компаниите „Новавакс“ и „Џонсон и Џонсон“ се значително помалку ефикасни во спречувањето на Ковид-19 кај луѓе во Јужна Африка, каде што се прошири позаразна верзија на вирусот, во споредба со земјите каде мутацијата сè уште е ретка, покажуваат првичните податоци објавени од фармацевтските компании.

Очигледно е дека мутациите влијаат за пад на ефикасноста на вакцината. Јасно е дека ќе се соочиме со дополнителни предизвици – вели директорот на Националниот институт за алергии и заразни болести во САД, доктор Ентони Фаучи.

„Новавакс“ во четвртокот објави дека податоците собрани на половина од студијата покажале дека кај луѓето во Јужна Африка вакцината е ефикасна 50% во спречување на Ковид-19. За споредба, според податоците од последната фаза на истражувањето во Велика Британија, вакцината била ефикасна до 89,3 проценти во спречување на Ковид-19.

Во петокот, „Џонсон енд Џонсон“ објави дека единечна доза од нивната вакцина е во просек 66 проценти ефикасна во истражувањата спроведени на три континенти, но разликите меѓу регионите биле големи.

Во САД, каде што првите случаи на мутација на јужноафриканскиот корона вирус беа потврдени дури во текот на неделава, ефективноста достигнала 72 проценти, за разлика од Јужна Африка, каде ефективноста била само 57 отсто. Во Јужна Африка, новата варијанта позната како Б 1.351 претставува 95% од вкупниот број на ковид-случаи, се наведува во новата клиничка студија.

Новите откритија отвораат прашања и во врска со ефективноста на вакцините на „Фајзер“/„Бионтек“ и на „Модерна“ против новите мутации. Овие две вакцини беа околу 95% ефикасни во испитувањата спроведени во САД пред во светот да се појават новите варијанти на вирусот.

Ова сега е поинаква пандемија – вели докторот Ден Бароуш, научник од Медицинскиот факултет на универзитетот Харвард, кој учествувал во развојот на вакцината на „Џонсон енд Џонсон“.

Бароуш вели дека сега во оптек има многу нови варијанти на вирусот во Бразил, Јужна Африка, па дури и во САД, кои се значително поотпорни на антителата што се развиваат преку вакцината.

Извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, вели дека постои голема можност вакцината да стане неефикасна со текот на времето, поради појавата на нови варијанти.

Тоа сè уште не е случај… но мислам дека е многу веројатно дека еден ден тоа ќе се случи – изјави Бурла на Светскиот економски форум.

Неговата фармацевтска компанија во моментов размислува дали треба да ја измени вакцината за да се гарантира заштита и од јужноафриканската мутација.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.