Се работи на решавање на проблемот со заостанатиот долг за електрична енергија на клиниките во склоп на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали.

Во изјава за медиумите појасни дека проблемот е кај дел од клиниките кои набавуваат електрична енергија преку заеднички служби.

-Еден дел од клиниките набавуваат електрична енергија директно од набавувачи, додека друг дел се преку заеднички служби. Во делот на заедничките служби, поради наталожен долг во период на ковид-пандемија се соочиле со отежнато функционирање во делот на финансиското менаџирање, рече Сали.

Додаде дека Фондот за здравствено осигурување е во комуникација со клиниките и се бара начин како да се надополнат буџетите, со цел да се подмират долговите.

– Долговите се наталожени бидејќи во последните три години во време на ковид-пандемија не можевме да организираме добро менаџирање, а тука е и енергетската криза што за 500 проценти ја поскапи електричната енергија, изјави Сали.