Веќе трет ден граѓаните можат и од дома, електронски, да поднесат барање, иницијатива или предлог до Уставниот суд. Услугата е достапна за сите правни и физички лица од први јануари.
„Електронското поднесување поднесоци е овозможено преку интернет-страницата на Уставниот суд, односно преку актегоријата ’Обраќање до судот’ каде во поткатегоријата ’Електронско поднесување на поднесоци’ се наведени насоки за начинот на електронско поднесување“, извести денес Уставниот суд.
Електронското поднесување иницијативи, барања или предлози до Уставниот суд е регулирано со Правилникот за електронско поднесување на поднесоци кој е објавен на интернет-страницата на судот.
Министерството за дигитална трансформација, пак, соопшти дека од денес електронските документи издадени од јавни органи, печатени на хартија, нема да подлежат на процесот на верификација туку ќе имаат иста правна и доказна сила како и оригиналниот документ со традиционален печат.