Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, на денешната прес-конференција во Владата рече дека натамошните фази за пациентите со поголем степен на изгореници се високоспецифични и бараат специфично искуство и затоа се решиле да се праќаат пациенти во странство.
„На еден пациент во Солун веќе му е извршена трансплантација на кожа на рацете. Веќе сме во контакт со фондација од Холандија, која има банка на кожни графтови, за да ги донесеме во Македонија и да почнеме да ја размислуваме реконструктивната фаза“, рече Клековски.
Директорот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски, соопшти дека неколку тимови странски лекари, кои доаѓаат од центри што се строго специјализирани за пациенти што имаат најголем процент и највисок степен на изгореници, како доктори од Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград, од болницата „Шеба“ во Израел и од Чешка, веќе работат во ГОБ на санирање на повредите на оние пациенти што не се критични и кои веќе имаат потреба од дебридман и подготовка за следната фаза – реконструктивна хирургија.
„Тоа се операции што подразбираат отстранување на она изумрено ткиво, оштетено од изгорениците и давање простор тие повреди, тие рани да почнат да зацелуваат. Овие неколку дена не само што се следеше потенцијалното влошување на состојбата туку мораше паралелно да се санираат и повредите“, рече директорот на „8 Септември“.