По повод 25-годишниот јубилеј од самостојното функционирање на Фондот за здравствено осигурување, денеска, во соработка со Црвениот крст на РСМ и Институтот за трансфузиона медицина, се реализира традиционалната крводарителска акција „Фондовско срце“, која оваа година се одржува по осумнаесетти пат.

Со оваа акција, Фондот, велат од таму, уште еднаш ја потврдува својата основна мисија – грижата за здравјето на осигурениците и промовирањето на хуманоста како врвна општествена вредност.

„Преку овој чин на солидарност, вработените на Фондот симболично ја спојуваат професионалната посветеност со највозвишениот човечки гест – дарување живот.

Од своето формирање во 2000 година, како самостојна институција за спроведување на задолжителното здравствено осигурување, Фондот доследно ја негува културата на општествена одговорност и лична заложба за заедницата. Крводарителската акција „Фондовско срце“ е токму потврда дека вистинската грижа за осигурениците не се исцрпува во административните и финансиските мерки, туку продолжува преку вистински дела на човечност, доблест и милосрдие.

Во остварувањето на овие вредности особено значаен е личниот пример на генералните директори на Фондот, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, кои со своето активно учество ја поттикнуваат свеста кај вработените дека хуманоста е највозвишената форма на грижа за човекот.

„Дарувањето крв е дарување надеж, живот и човечка топлина. Со оваа акција, Фондот уште еднаш покажува дека зад институцијата стојат луѓе со големо срце – луѓе што живеат и работат во духот на солидарноста“, беше пораката на денешниот настан.

Фондот им упатува благодарност на сите свои вработени кои секоја година ја докажуваат својата хуманост и придонесуваат кон спасување на човечки животи.
„Оваа традиција, започната пред 18 години, продолжува како симбол на колективна совесност и институционална култура која ги поврзува вредностите на професионалноста, човечноста и општествената одговорност“.