Во најновиот извештај на известувачот на ЕП за Северна Македонија, Илхан Ќучук, уште еднаш се бара брзо отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, а се поздравува и политичкиот поттик за обновениот дијалог меѓу Софија и Скопје, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Потсетувајќи на „потребата да се продолжи темпото и кредибилитетот на европската интеграција, известувачот бара „брзо отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, имајќи предвид дека двете земји ги исполнија потребните услови и испорачаа одржливи резултати во основните области“.
Препораката за брзо отворање на преговорите, според Ќучук, доаѓа со оглед на тоа што „европската интеграција ги претставува аспирациите на граѓаните на Северна Македонија кон демократија и просперитет и служи како моќен катализатор за реформи, со оглед на тоа што земјата е доверлив партнер, кој продолжи да вложува конзистентни напори на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и кон исполнување и одржување на условите потребни за отворање на пристапните преговори; дека земјата е кандидат од 2005 година; и треба да продолжи со реформите“.
Во извештајот на Ќучук се поздравува постојаниот напредок на Северна Македонија на патот кон членство во ЕУ, нејзината посветеност на мултикултурализмот и меѓуетничката хармонија и нејзиниот континуиран позитивен билатерален ангажман.
Тој меѓу другото ја повикува Северна Македонија да ги одржи и интензивира напорите за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството, борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и консолидирањето на слободата на медиумите.
Во извештајот се повикува на понатамошни подобрувања во спроведувањето на правата на самоидентификација, сопствено и инклузивно интеркултурно образование, правата на лицата со попреченост и правата на малцинските заедници.
Притоа се повикани релевантните тела проактивно да ги спречат и систематски да ги гонат сите случаи на говор на омраза, злосторства од омраза и заплашување, темелно да ги истражат поврзаните напади и да обезбедат безбедност на нивните цели, како што се новинарите, луѓето кои припаѓаат на малцинствата и другите ранливи групи.
На крајот Илхан Ќучук, jа поздравува континуираната посветеност на Северна Македонија за евроатлантската безбедност, потоа зголеменото усогласување на земјата со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ и ја повикува да се усогласи со рестриктивните мерки поврзани со Русија. Притоа се поздравува нејзиниот континуиран придонес во мисиите и операциите на ЕУ за управување со кризи.
Во извештајот бугарскиот европратеник го поздравува тековниот процес на „историско помирување со соседните земји“ и во тој контекст „силно го поздравува политичкиот поттик за обновениот дијалог меѓу Бугарија и Северна Македонија и ги охрабрува партнерите да го забрзаат ангажманот со добра волја со цел да се постигне прифатлив компромис, а со тоа да се зближат општествата преку овозможување заедничка иднина во ЕУ“.
Европратениците прв пат ќе расправаат за извештајот на 28 февруари во рамките на Комисијата за надворешни работи, а до 8 март имаат време да поднесат амандмани, по што повторно ќе има расправа на Комисијата за надворешни работи по што ќе се најде на пленарна сесија на Европскиот парламент, каде ќе се гласа.