Во вторник, Министерството за економија ќе побара да се прогласи енергетска криза во енергетскиот сектор. Министерот за економија, Крешник Бектеши во изјава за Алсат, рече дека нема да има рестриктивни мерки за електричната енергија, а до крахот на годината нема да има поскапување на електричната енергија.

„Ќе се прогласи криза во енергетскиот сектор, со единствена цел да може да се инјектираат буџетски средства, директно во енергетските компании во земјава вклучувајќи ги тука и Електрани на Македонија и МЕПСО за зголемување на нивната ликвидност и да може да се интервенира во увозот на електрична енергија земајќи предвид дека домашните капацитети во моментов се ограничени“, истакна Крешник Бектеши.

Од Министерството за економија велат дека не се знае колку ќе трае евентуалната енергетска криза и кои мерки ќе се преземат, бидејќи за тоа ќе се одлучува во вторник на владина седница.

„Владата на следната седница во вторник каде што ќе биде доставен предлог за прогласување на енергетска кризна состојба треба да донесе одлука дали ќе биде прогласена енергетска кризна состојба, колку време ќе трае и кои мерки ќе бидат донесени“, посочуваат од Министерството за економија.

В сабота, Владата донесе уредба за прогласување криза во снабдувањето со електрична енергија во случај на природни непогоди и нарушување на пазарот. Доколку има криза, тогаш е одредено каде ќе има ограничувања, како на пример на сите светлечки реклами, уличното осветлување и осветлувањето на плоштадите и другите објекти ќе се сведе на минимум, осветлувањето на излозите се ограничува на минимум или да се забрани употреба на електрична енергија за дополнително загревање на деловни и службени простори. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ уредбата за прогласување криза ја нарекоа потврда за прикривање наенергетскиот колапс кој го создадоа МЕПСО и ЕЛЕМ.