Во Клубот на пратеници почна новата средба помеѓу Заев и Гаши, за можниот влез на Алтернатива во Владата.

Претходно премиерот Заев и Гаши имаа средба во понеделникот, кога, според соопштението испратено од владината прес-служба по нејзиното завршување, начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата и дека консултациите за кадровските решенија се во тек.  Тогаш беше најавено и дека по консултациите во партиите ќе следи и нова работна средба со тимовите.

На средбата што беше одржана во понеделникот, премиерот Заев беше придружуван од заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, а лидерот на Алтернатива Гаши од партискиот генерален секретар Беким Сали.

Ова беше нивна втора средба, откако на 19-ти месецов тие разговараа за условите и улогата на Алтерантива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи.

Централното претседателство на Алтернатива минатиот петок го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза, додека на седницата на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа истиот ден, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата, но, му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство. 

Иако од партиите велат дека се уште разговараат, сепак неофицијални информации велат дека Алтернатива бара две министерски места и вицепремиерска позиција. Наводно Алтернатива бара Беким Сали, кој беше кандидат за градоначалник на Чаир, да биде министер за здравство на местото на Венко Филипче.