Во насока на унапредување на енергетската ефикасност и поддршка на домаќинствата, Општина Кисела Вода објави два јавни повици – за субвенционирање на набавка на пелети и за печки на пелети. Средствата се обезбедени од Буџетот на општината за 2025 година, преку Програмата за локален економски развој, потпрограма за енергетска ефикасност, извести Општината.
Право на учество имаат сопственици на индивидуални станбени објекти на територија на општината, кои немаат приклучок на централно парно греење и кои претходно не искористиле ваков вид субвенција. При аплицирање, потребно е да се достави документација што го потврдува сопствеништвото, лична идентификација, доказ за извршена набавка (фискална сметка, фактура и извод од банка) од 01.01.2025 година до завршување на јавниот повик, нотарски заверена изјава и пополнет образец кој може да се преземе од веб-страницата или од архивата на Општина Кисела Вода.
Субвенцијата за набавка на пелети изнесува 50% од вредноста, но не повеќе од 10.000 денари, додека за набавка на печки на пелети се надоместуваат исто така 50% од вредноста, но не повеќе од 20.000 денари, и во двата случаи со вклучен персонален данок на доход.
– И оваа година, продолжуваме со имплементација на мерки кои директно ги поддржуваат нашите сограѓани. Субвенционирањето на набавката на пелети и печки на пелети е дел од нашата заложба да обезбедиме конкретна поддршка за домаќинствата, за полесно и поквалитетно затоплување на нивните домови, но и за заштита на животната средина. Ваквите мерки се дел од поширокиот пристап кој го применуваме како локална самоуправа – пристап кој значи грижа, континуитет и визија за одржлива иднина. Кисела Вода веќе го гради својот препознатлив печат на општина која работи темелно, одговорно и со видливи резултати. Ги повикувам сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат и да ја искористат оваа поддршка. Ние, како локална власт, остануваме посветени на политиките кои носат конкретни придобивки – за секој жител, за секој дом во Кисела Вода, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Барањата се поднесуваат во затворен плик преку Архивата на општина Кисела Вода, по принципот „прв дојден, прв услужен“, сѐ до исцрпување на средствата или најдоцна до 31 октомври 2025 година, додаваат од Општината.