
Најмладите жители на општина Кисела Вода добија нов простор за игра и разонода. Денес беше ставено во функција целосно инклузивно детско игралиште на површина од над 400м2. Градоначалникот Ѓорѓиевски ја истакна континуираната заложба за унапредувањето на јавниот простор и квалитетот на животот и се заблагодари на Државна видео лотарија – Casinos Austria за покажаната општествена одговорност. Преку нивната донација беше реализирана темелата реконструкција на овој простор, кој до пред еден месец беше во многу лоша состојба.
-Продолжуваме со посветено и континуирано инвестирање во унапредувањето на јавниот простор и квалитетот на животот на нашите сограѓани. Денес, токму во центарот на Кисела Вода го отвораме новиот реконструиран простор на површина од над 400м2, предвиден за детска игра.
![]()
Новото детско катче кое од денес го ставаме во функција е целосно инклузивно. Реквизитите ќе можат да ги користат сите, вклучувајќи ги и дечињата со посебни потреби, а се поставени врз гумена подлога и просторот е ограден и безбеден за користење. Реконструкцијата опфаќа и кошаркарско игралиште кое ќе се наоѓа во склоп на самиот парк па така, жителите од овој дел на општината ќе имаат и можност да спортуваат на нов и модерен терен. Секако, паркот добива и нова урбана опрема кој ќе понуди совршен амбиент за сите посетители. Сакам да се заблагодарам на Државна видео лотарија – Casinos Austria за покажаната општествена одговорност преку донација на средства со кои се овозможи од едно руинирано, да прерасне во модерно катче за непречена детска забава и игра. Продолжуваме да ја менуваме Кисела Вода секој ден кон подобро, секој ден поубава-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Претставникот на Државна видео лотарија, Вики Чадиковска, истакна дека нивната компанија досега инвестирала во 18 вакви игралишта низ Македонија. 19-тото е баскет игралиштето кое се наоѓа непосредно до денес отвореното детското игралиште и ќе биде завшено до крајот на 2024 година.























