Австралискиот тенисер Ник Кирјос повторно имаше коментар за Новак Ѓоковиќ, потенцирајќи дека Србинот мора да се однесува одговорно затоа што е пример за другите играчи.
Кирјос во повеќе наврати јавно го именуваше најдобриот играч на светот, особено по Адриа Тур.
– Мислам дека е важно играчите да бидат повикани на одговорност, особено кога станува збор за некој кој е лидер на нашиот спорт. Ѓоковиќ е технички нашиот Леброн Џејмс, тој мора да биде пример за сите други тенисери. Едноставно, не беше вистинското време за она што го правеше за време на пандемијата. Сите правиме грешки, но мора да одговараме и за нив. Ние мора да бидеме одговорни. Ние сме колеги, се натпреваруваме едни со други во ист спорт, а никој друг не го именуваше – рече Кирјос.
Тениската сезона продолжува на 1 февруари со турнири во Мелбурн, а играчите во моментов се во карантин. Поради здравствени протоколи, на 72 тенисери во машка и женска конкуренција не им беше дозволено да тренираат поради контакт со лица заразени со коронавирус.
– Здравјето и безбедноста се на прво место. На крајот на краиштата, станува збор само за тенис, не треба да ги кршиме протоколите заради еден турнир. Играчите знаеја што ги чека кога се согласија да дојдат. Никој нема причина да се жали – додаде Кирјос.
Потсетување дека првиот грен слем турнир годинава „Австралија опен“ започнува на 8 февруари.