Кога ќе прочиташ соопштение од Владата на Република Македонија кое почнува со популизам од типот: „Реакциите на јавноста дека во училиштата се применуваат парталави учебници кои имаат застарена и несоодветна содржина, многу технички и граматички грешки, нелогичности и дискриминација, стануваат минато“ – веднаш знаеш дека „рибата смрди од опашката“. Кога ќе прочиташ и друго соопштение каде што првата реченица демагошки гласи: „Ако до вчера на тема учебници дискутиравме за криминал, корупција и штетни договори, јас сум среќна што денеска дискутираме за [sic] исклучиво за квалитетот на учебниците“ – тогаш нема сомнеж дека станува збор за „неодговорна и тешка, геостратешка грешка“, пишува во својата колумна за Факултети, Доц. д-р Атанас Кирјаковски, кој предава психологија и когнитивни науки на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, а магистерските и докторските студии ги завршил на универзитетот „Кобе“ во Јапонија
Квалитетот на учебниците? Ајде навистина да дискутираме за квалитетот на учебниците, но без демагогијата на министерката Мила Царовска и наместо политикантски, да разгледаме што вели науката за најавените „реформи“ во образованието. За што всушност се работи? Имено, од кујната на министерката произлезе „соломонско“ законско решение за изработка и употреба на учебници во основното и во средното образование во кое своеглаво, избрзано и без сериозна јавна дебата, која би вклучила партиски-независни експерти, се предвидува вртоглава промена во моделот на учење во основното и во средното образование без притоа воопшто да се поведе грижа за негативните последици од неа. Најконтроверзен е делот каде што се укинуваат печатените учебници, почнувајќи од четврто до деветто одделение во основното образование и за сите години од средното, и се воведуваат т.н. „дигитални учебници“. Ваквите измени сносат сериозни здравствени, психокогнитивни, развојни, социјални и економски импликации за децата, младите, родителите и наставниците. На што се базираат овие реформи? На наука, истражувања и податоци? Не.
Закон за дигитални егзибиции и научна фантастика
Најверојатно поголемиот дел од јавноста, особено родителите, го немаат видено новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование. Затоа е многу битно да ги прочитаме во оригинал најконтроверзните делови и малку да ги продискутираме пред да навлеземе во научната литература релевантна за употребата на дигиталната технологија во наставата. Медиумите првично објавија дека законот бил повлечен од собраниска процедура за да го „усогласеле“ со некакваси ЕУ-регулатива и подоцна министерката потврди дека има намера да го носат со (зло)употреба на европско знаменце. Истовремено, законот наиде и на силни спротивставувања од јавноста, меѓу кои највидлива е оваа фејсбук-група која за само неколку дена собра над 72 илјада членови.
По поприлично копање низ веб-страниците на институциите, успеав да ја најдам верзија 1.2 од Законот објавена на 10.03.2021 на страницата на ЕНЕР (веројатно по „усогласувањето“ текстот на нацрт-законот ќе се разликува во некои делови, но до овој момент сѐ уште не е испратен назад до Собранието и конкретната ревидирана содржина засега ѝ е непозната на јавноста). Штом го прочиташ член 2 став (3), веднаш се јавува проблем. Ставот вели: „Дигиталниот учебник според структурата е идентичан [sic] со учебникот во печатена форма, но е збогатен со мултимедиални [sic] содржини што претставуваат надополнување на основниот текст/лекцијата со филмови, анимации, видео прикази, галерија на слики и задачи, што овоможува [sic] побрзо достигнување на очекуваните резултати.“
Прво што паѓа в очи се граматичките и печатните грешки во самиот закон (обележани со [sic]), кои се посебна иронија сами по себе бидејќи министерката нѐ убедува дека токму со овој закон полн грешки, „неопходните реформи“ во истиот ќе ги отстранеле грешките од печатените учебници. Значи, законски текст полн со грешки налага „отстранување“ на грешки од дигиталните учебници. Иронијата е во тоа што граматичките грешки не произлегуваат од медиумот во кој се печати и објавува, туку произлегуваат од незнаење, неспособност, брзоплетост и непрофесионалност. Да ја занемариме и произволната, научно-непоткрепена теза дека дигиталните учебници водат до „побрзо достигнување на очекуваните резултати“, која така ноншалантно си прорекува причинско-последични ефекти во законот.
Најпроблематична е парадоксалната и контрадикторна природа на самата дефиниција за дигиталните учебници. Имено, првично вели дека дигиталниот учебник е „идентичан“ со учебникот во печатена форма, но излегува дека не е, бидејќи понатаму во текстот се вели дека дигиталната верзија се надополнува со „мултимедиална“ и друга содржина која е отсутна, односно невозможно е да се претопи во печатена форма. Што доколку некое дете или родител се определат за печатена верзија на истиот учебник, како што Царовска изјави дека би имале таква можност (родителите ќе треба посебно да си побараат од училиштето или, пак, самите да си го испечатат)? Тогаш тој дидактички материјал во испечатената верзија за едно дете драстично ќе се разликува од дигиталната верзија што би ја користело друго дете во истиот клас. Веројатно ваквата законска одредба крши и некои други права на децата и младите за еднаков пристап и еднакво образование. Да не ја заборавиме и економско-социјалната дискриминација на децата и родителите кои се принудени да се снаоѓаат за уреди и да се ставаат во ситуација да чекаат и да молат од државата да им донира уреди, кои прашање е колку и дали ќе функционираат (со оглед на фактот што електронските уреди се склони кон чести оштетувања и расипувања, особено кога ги користат деца). Кога сме на ова прашање, кој ќе плаќа за поправките и одржувањето?
Понатаму, нешто што посебно иритира се полувистините кои министерката ги пласира во јавноста преку реторички трикчиња дека наводно нема „укинување“ на печатените учебници. Да, нема укинување на печатените учебници, но само за прво, второ и трето одделение (член 5 став 2)! За сите останати одделенија, од четвртото па сѐ до завршувањето на средното образование, законот ја форсира и наметнува дигиталната верзија на учебниците како основен дидактички материјал. Член 5 став (3) од нацрт-законот вели: „Учениците од четврто до деветто одделение во основното образование, како и учениците во сите години на средното образование користат учебници во дигитална форма и наставен и дидактички материјал во електронска форма.“ Јас тука никаде не гледам „печатени учебници“. А вие?
Ве повикувам сите вас засегнати родители, наставници и пошироката јавност САМИТЕ да си го прочитате овој закон бидејќи генерации и генерации деца и млади се засегнати од него и самите здраворазумски да си носите заклучоци и одлуки. Не слушајте што ви зборуваат по телевизии и медиуми, читајте што предлагаат и што гласаат во Собранието. Уште еднаш, повелете врска на која можете да го преземете новопредложениот закон во ворд-формат.
Последиците врз здравјето на децата и младите од употребата на дигиталните и електронските медиуми
Ефектите од употребата на дигиталните технологии постојано се истражуваат бидејќи се работи за релативно нов феномен во историјата на човештвото и сѐ уште има многу непознати, од тоа како влијаат врз нашата психологија и однесување, па сè до можните последици врз нашето здравје. Истовремено, полека но сигурно произлегуваат стабилни трендови и генерални ефекти во научната литература. Тука е битно да направиме разлика меѓу дигитализација на општествата и ефектите од употребата на дигиталните медиуми во наставата. Тоа се две различни теми, односно два различни феномени. Иако ваквите алатки имаат корисна улога и предност во одредени специфични случаи (на пр., во работа со дислексични деца), сепак, научните истражувања ја откриваат и нивната темна страна со можни сериозни последици врз оние што се најранливи – децата и младите. Последици кои никако не смеат да се занемарат кога се прават дигитални реформи во образованието. Затоа, во првиот дел од оваа статија ќе ги разгледаме здравствените и развојните импликации од предложените реформи. Во вториот дел од статијата, кој ќе биде објавен подоцна, ќе ги разгледаме и психокогнитивните и социјалните импликации од употребата на дигиталните технологии во наставата.
Според новиот закон за учебниците, децата и младите, почнувајќи некаде од својата 9-та, па сè до 19-тата година од животот, односно 10 години во континуитет, задолжително би морале да поминуваат часови и часови и часови и часови неделно пред компјутерските или таблет-екраните во следење на наставата и потоа во учење на материјалот. За да бидат работите уште полоши, оваа популација тежнее да користи дигитални уреди и во своето слободно време, на пр., да игра видеоигри или пак да поминува значително време на социјалните мрежи. Кумулативниот ефект врз здравјето од изложеноста на екраните е сериозна варијабла која никако не смее да се занемарува и мора да се земе предвид кога се прават реформи во образованието.
Јужна Кореја е една од ретките пионер-земји во светот што делумно воведе дигитални учебници во основното образование, само за 4., 5. и 6. одделение, за максимум шест предмети и со максимална кумулативна неделна изложеност на екраните од 12 часа. Бидејќи е сериозна земја со одговорни функционери, ваквиот дигитален проект првпат го предлага во 1997 година, за по 10 години развој и планирање, да започне со 5 пилот-студии дури во 2007, по што носи одлука за постепено и внимателно воведување на вакви технологии во училиштата (им се чудам како ли не се сетиле само со една соломонска законска „реформа“ да ги спроведат тоа?). Згора на тоа, Јужна Кореја е богато, високодигитализирано општество со една од најдобрите телекомуникациски инфраструктури во светот.
За да ги увидат можните здравствени последици од долготрајната употреба на дигиталните учебници, психолози од Корејскиот универзитет, Универзитетот во Сеул, Универзитетот во Калифорнија и други, одбрале примерок од детската популација и во својата студија пишуваат за ефектот од употребата на дигиталните учебници врз нивното здравје. Во студијата се водени исцрпни интервјуа со 40 основци од јужнокорејски училишта кои употребувале дигитални учебници најмалку една година. Учениците искусиле најразлични ефекти врз нивното здравје како последица на долготрајната употреба на учебниците, кои авторите на студијата ги категоризираат како физички и психолошки ефекти. Дечињата, меѓу другото, изјавиле дека чувствуваат очен замор, иритација и црвенило, како и замаглен вид. Понатаму, дел пријавиле и болки во вратот, рамењата, зглобовите и половината. Едно дете изјавило: „Кога гледам во мониторот повеќе од 1 час употребувајќи го дигиталниот учебник, добивам црвенило во очите и гледам матно“. Друго дете се пожалило на непријатност и болка од долготрајното и непријатно седење пред компјутер, особено болки во зглобовите од држењето на компјутерското глувче или, пак, од тежината на таблетот. Покрај физичките, односно телесните симптоми, повеќе деца, според студијата, искусиле и психолошки симптоми, како зголемен стрес и намалена интеракција со другарчињата. На пр., едно учениче изјавило: „Се нервирам и се потресувам кога компјутерот ќе прикаже грешка или мониторот одеднаш ќе престане да работи… понекогаш дури добивам желба да го искршам компјутерот кога не работи како што треба… во такви моменти легнувам со лицето на масата, не можам да се концентрирам и не ми се учи повеќе.“ Поради фактот што се употребува електронска опрема која мора внимателно да се користи, трето дете изјавило: „Понекогаш сум под стрес кога учителката ќе ми каже да внимавам како го држам таблетот“. Последиците од зголемениот стрес и анксиозноста се пад на вниманието и губење на желбата за учење. Авторите во студијата наведуваат дека се намалила и комуникацијата меѓу наставниците и учениците, а добар дел од децата искрено одговориле дека честопати додека наставникот предава, скришно сурфале на интернет или си праќале пораки едни на други. Слични јужнокорејски студии кои ги истражуваат ефектите од дигиталните учебници во нивните училишта повикуваат на итно воспоставување програми за мониторирање и превентива од штетните последици од нивната употреба.
Понатаму, видот е најважното човечко сетило. Уште во 1993 година е известувано во познатото научно списание The New England Journal of Medicine за ефектите и последиците врз очите од прекумерната изложеност на екрани. Имено, трепкањето има исклучително важна улога во одржувањето здрава очна површина преку нејзино влажнење со тенок слој солзлива течност, односно фреквенцијата на трепкањето е битна полуавтоматизирана телесна функција која спречува постепена деградација на очите. Истражувањата покажуваат дека гледањето во ЛЦД-екрани, кои најголем дел од популацијата ги користи, ја намалува стапката на трепкање и со тоа придонесува до поголемо сушење на очната површина. За разлика од нив, ваквиот ефект не е присутен кај печатените материјали или кај неосветлените е-мастило читачи. Намаленото трепкање може да доведе до т.н. „компјутерски визуелен синдром“ или суви и иритирани очи, замаглен или дуплиран вид, вртоглавица, мачнина и тешкотии при фокусирање на погледот. Според оваа студија, која ги ревидира сознанијата околу компјутерскиот визуелен синдром, 64% до 90% компјутерските корисници го искусуваат овој синдром во поблага или потешка форма.
Покрај непосредните искуства од Јужна Кореја во однос на можните последици врз здравјето на децата и младите од употребата на дигиталните учебници, секако дека има и добар број студии кои ги истражуваат влијанијата и од комбинираната употреба на електронските медиуми во секојдневниот живот. Децата – па дури и возрасните – не користат само компјутери, таблети и телефони, туку паралелно поминуваат време и во гледање телевизија. Ако се обрне внимание и на овој факт, тогаш станува уште поважно да се предвидат, согледаат и спречат можните последици врз здравјето од акумулираното време поминато пред екраните на разните електронски уреди. На пр., оваа научна ревија објавена во списанието „Журнал за педијатрија и детско здравје“ во 2017 година заклучува дека поминувањето време во гледање телевизија негативно ја засега локомоцијата, физичката сила, прехранбените навики, како и адипозноста (масните наслаги) кај децата. Поминувањето подолго време пред ТВ-екраните или играјќи видеоигри на компјутер е асоцирано и со дебелеење и гојазност кај децата, како и со проблеми во спиењето чиј квалитет и времетраење се намалени. Дополнително, засегнат е и когнитивниот и социо-емотивниот развој на децата, што подоцна се рефлектира како осиромашено ментално здравје во адолесценцијата. Последиците врз менталното здравје од употребата на „новите медиуми“ (електронските уреди, социјалните мрежи итн.) се потврдени и во оваа студија објавена во списанието „Клиничка психолошка наука“ од 2018 година, која опфаќа масовен број на млади од 13 до 18-годишна возраст во САД (506,820) и која доаѓа до фрапантни заклучоци дека оние што поминуваат повеќе време пред екраните користејќи ги новите медиуми пријавиле повеќе ментални проблеми во споредба со оние што поминуваат повеќе време во социјална интеракција во живо, спорт/вежбање, работа по дома, како и – за нас најважното во контекст на статијава – читањето печатени медиуми. Студијата детектирала и загрижувачки пораст на депресивните симптоми кај тинејџерите, како и пораст на стапката на самоубиства, особено кај женскиот дел од популацијата.
Цитираните студии погоре несомнено потврдуваат дека предвидените законски измени отвораат пресериозни прашања околу последиците врз здравјето на децата и младите за да поминат тукутака. Драстичната промена во методологијата на учењето која се предлага, особено е важно да се разбере и во контекст на ковид-кризата поради која сме ограничени во движењето и принудени уште повеќе да го поминуваме времето дома, односно „седечки“, со далеку помала физичка активност од претходно. Принудувањето на децата и младите да учат од дигитални учебници во комбинација со следење настава од далечина преку своите компјутери и таблети, дополнето со гледањето телевизија, предизвикува основани стравувања од можни последици врз нивното физичко и ментално здравје, развој, однесување и социјализација. Какви било реформи во образованието мора да се прават врз основа на научни факти и податоци (evidence-based decision making), а не врз база на политички идеологии, доктрини и своеглави убедувања. Затоа, никако не смее да се брза со воведувањето какви било „дигитални учебници“ во наставата без претходно внимателно испланирани, мултидисциплинарни и лонгитудинални научни студии кои вклучуваат и локална македонска популација.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.