Општина Аеродром го добива првиот мултифунционален центар каде аеродромци ќе можат да уживаат во концерти, кино-проекции, мултимедијални проекции, театарски претстави, ликовни изложби, конференции и голем број други настани, соопштија од општината.
Мултифунционалнит центар се наоѓа во непосредна близина на СЦ „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче и ќе претставува место со кое ќе се збогати културниот и социјалниот живот на жителите.
Станува збор, како што појаснуваат надлежните, за целосна реконструкција и комплетно уредување на простор од околу 1500м2.
„Општина Аеродром со овој проект аплицираше на повикот на Владата и доби 99 милиони денари за првата фаза од реконструкцијата.
Со реконструкцијата овој простор ќе биде целосно оплеменет. Покрај главна сала – гледалиште, ќе опфаќа и фоаје, бифе и едукативни простори-работилници. Исто така, ќе биде изграден и лифт со што ќе се реши пристапноста до содржините на мултимедијалниот центар за сите категории граѓани.
Гледалиштето во главната сала ќе има над 240 места за седење и дополнителен ред прилагоден за лица со посебни потреби во колички.
Општина Аеродром го добива својот прв мултифункционален центар со поддршка од Владата и од Министерството за култура и тиризам. Овој проект е од круцијално значење, затоа што аеродромци за првпат ќе добијат културен центар, што ќе внесе посебен и нов импулс во нивниот културен-забавен живот“, се истакнува во информацијата./ Макфакс