Јапонија ќе претрпи „катастрофален пораз“ од кинеската војска ако се обиде да употреби сила за да интервенира над Тајван, соопшти денес кинеското Министерство за одбрана, интензивирајќи ја својата реторика во врска со изјавите на јапонскиот премиер Санае Такаичи за островот, објави Ројтерс.
Такаичи предизвика дипломатски спор со Пекинг откако минатата недела му кажа на парламентот дека кинескиот напад врз Тајван може да претставува „ситуација што го загрозува опстанокот“ за Јапонија и може да предизвика воен одговор од Токио.
Врвниот кинески дипломат во Осака ја сподели веста за забелешките на Такаичи за Тајван на мрежата X и коментираше дека „валканиот врат што се турка себеси треба да биде пресечен“, што ја поттикна јапонската амбасада во Пекинг да поднесе протест до кинескиот заменик-министер за надворешни работи Сун Веидонг.
Портпаролот на кинеското Министерство за одбрана Џијанг Бин рече дека зборовите на Такаи се исклучително неодговорни и опасни.
„Доколку јапонската страна не ги научи лекциите од историјата и се осмели да преземе ризици, или дури и да употреби сила за да се меша во прашањето за Тајван, ќе претрпи катастрофален пораз од Народноослободителната армија, која е силна како челик, и ќе плати висока цена“, рече Џијанг во соопштението.
Во меѓувреме, јапонскиот радиодифузер НТВ денес објави дека кинеската амбасада во Токио им наредила на своите вработени да избегнуваат излегување поради загриженост за зголемување на антикинеските чувства.
На редовната прес-конференција, главниот портпарол на јапонската влада, Минору Кихара, го повтори ставот на земјата за Тајван, велејќи дека Токио сака мирно решавање на проблемот преку дијалог.
Фото: принтскрин
Текстот Кинеско Министерство за одбрана: Јапонија ќе претрпи катастрофален пораз ако се обиде да употреби сила над Тајван е превземен од МАКФАКС.






















