Децениската инвестициска кампања на Кина во Западен Балкан постојано е проследана со разни контраверзии. И покрај силната пропаганда на локалните власти овие проекти да ги претстават како многу важни за економскиот развој на петте балканските земји, тие наидуваат на силен отпор кај локалното население.
Од 2014 година кога кинескиот претседател Си Џипинг го објави планот за вклучување на Европа во глобалниот трговски инфратсруктурен проект „Појас и Пат“, граѓаните на Србија, БиХ, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија, покренале над 100 судски процеси поради прекршување на законите и на етиката на инвестициите.
До овој податок дошла холандската организација Just Finance International во анализата за мапирање на граѓанскиот отпор против штетите предизвикани при реализација на кинеските инвестиции. Анализата покажува дека развојната програма на Кина во Западен Балкан има висока цена врз човековите права, транспаретноста и животната средина. Локалните власти ги заобиколувале законските прописи со цел да ги привлечат кинеските инвестиции, а често пати ги започнувале градежните работи без претходно да се исполнат законските услови за објавување јавни тендери, промена на просторни планови и без соодветна проценка на влијанието врз животната средина.
Според анализата, граѓаните правеле големи трошоци за покренување судски постапки за прекумерно загадување на животната средина или за конфискација и нецелосна компензација на земјиште. За жал, се покажало дека постапките траеле предолго, а и кога имало позитивни пресуди, казните за кинеските инвеститори биле симболични и поради тоа тие си терале по старо.
Кинеските инвестиции во регионот главно се фокусирани на три стратешки сектори: енергетика, рударство и иградба на големи инфраструктурни објетки. Нивната реализација може да има и безбедносни последици врз земјите од Западен Балкан, бидејќи некои од кинеските компании се голем производители на оружје со директни врски со Кинеската армија.
Освен тоа, во реализацијата на кинеските инвестиции има и масовно кршење на работничките права, како што се лошите работни услови, ниските примања, а имало и примери на принудна работа.
Холандската организација, најголемите прекршувања на законите од кинеските инвеститори ги евидентира во Србија, каде има и најмногу кинески инвестиции. Така, злоупотребите во рударскиот комплекс Бор Мајданпек по преземањето од кинескиот инвеститор вклучуваат загадување на водата, воздухот и почвата, незаконско раселување на селани, прекршување на работнички права и изградба на објект без градежна дозвола. Уште потежок е примерот на 400 виетнамски работници во Зрењанин, каде кинескиот инвеститор ги оставил во бараки без греење сред зима и без храна, а работодавачот им ги земал пасошите.
Според ова мапирање, Северна Македонија има најмалку кинески инвестиции. Тие вклучуваат изградба на два автопати: Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. За изградбата на последниот автопат се надминатите сите рокови, а во објавените прислушувани разговори тн. бомби, имаше сериозни индиции и за корупција.
Нешто слично со кинеското економски влијание на Кина во Србија се случува и со рускиот капитал во Северна Македонија, особено после 2014 година кога се воведени санкции на Русија поради окупацијата на Крим. Оттогаш Кремљ своите инвестиции во земјата ги камуфлира преку трети страни. Така, швајцарската фирма Солвеј, која има врски со Русал на Дерипаска, ги поседува Саса, рудникот за олово и цинк, како и Бучим – најпродуктивниот рудник за бакар и злато. Дерипаска се смета за близок човек на Путин и е обвинет за мешање во американските избори во 2016 година, како и за финансирање на војната во Украина. Иако Солвеј негира поврзаност со Русал, поранешниот директор на Бучим, Димитриј Кудрјаков заврши на американската црна листа.
Центарот за демократски студии во анализа предупредува дека Русија влијае на трети земји преку посредници, кои имаат економска и политичка корист од руската поддршка. Со тоа се создава ранливост во државата што Русија може да ја користи за да влијае врз процесот на носење одлуки, при што се препорачува диверсификација на странските инвестиции.
За зголеменото кинеско-руско малигно влијание во Северна Македонија зборува и поранешниот амбасадор Арсим Зеколи. Тој преку неговиот фејсбук профил предупреди дека над НАТО базата во Криволак ќе има кинеска инвестиција, а замeник премиерот Стоилковиќ ќе биде Путинов човек во Владата.