Во време на заострени односи меѓу Русија и Западот поради ескалација на војната во Украина, кинескиот претседател Си Џинпинг во текот на мај реализира европска турнеја посетувајќи ги Франција, Унгарија и Србија. Тешко е да се поверува дека земјите што се влезени на агендата на кинескиот претседател и тајмингот на посетата се случајни. Ако во Париз глумеше добронамерен гостин, која сака да гради добри партнерски односи со ЕУ, во Будимпешта и Белград користеше друга реторика. По средбата со Макрон и Фон дер Лајен, Си изјави дека нема ни геополитички ниту фундаментален конфликт на интереси меѓу Кина и ЕУ и побара да продолжи партнерстовото, дијалогот и соработката со ЕУ.
Си друго лице покажа во текот на посетата во Унгарија и Србија, две проблематични земји со авторитарни режими во срцето на Европа. На една членка на ЕУ и на друга кандидатка за членство во Унијата, им нудеше стратешко партнертво. Дури ни датумот на посетата во Србија не беше избран случајно. Истата се оствари на годишнината од несреќното бомбардирање на НАТО на кинеската амбасада во Белград.
Во текот на посетата во Белград, Си и Вучиќ потпишаа заедничка изјава за сеопфатното стратешко партнерство на Кина и Србија, а владите на двете земји потпишаа 29 договори за соработка. „Подобро ќе работиме заедно со Србија, за да ги браниме нашите фундаментални и долгорочни интереси“, порача Си по потпишување на изјавата.
Иако формално Србија води разговори за членство во ЕУ, сепак Вучиќ во исто време развива блиски односи со Кина и Русија преку купување руско и кинеско оружје и преку одбивање да воведе економски санкции против Русија поради агресијата врз Украина.
Русија и Кина вешто ги хранат старите амбициите на Србија за доминација со земјите од Западен Балкан. Тие знаат дека во српскиот естаблишмент има сеуште сили кои сонуваат за насилно остварувањена идејата за Голема Србија. Не случајно српската војска неколку пати се појави на границите на Косово, заканувајќи му се на премиерот Курти да не ги распушти паралелните српски структури во Северно Косово и да формира Заедница на српски општини со извршни надлежности. Во ист правец одат и заканите на Додиќ за раздружување од Босна и обединување на Република Српска со Србија.
Евентуалната воена авантура на Вучиќ во Босна и Косово има малку шанси да успее бидејќи тоа ќе значи директен судир со НАТО. Сепак, Путин и Си се живо заинтересирани и го охрабруваат Вучиќ да отвори уште едно ново воено жариште во срцето на Европа, за да се оттргне вниманието на Запад од војната во Украина и Газа. Двете авторитарни земји, кои се обидуваат нивните интереси да ги остваруваат преку користење на воена сила, сакаат да спречат Западен Балкан да се пацивизира и да се интегрира во евроатланските структури и со тоа ќе се затврои последната врата за малигно руско и кинеско влијание во Балканот и во Европа.
Ако Србија се дрзне да започне една нова војна со цел насилно да ја оствари идејата за Голема Србија, на крајот на таа војна, не само што нема да ја присвои Република Српска и да го врати Косово, туку во прашање ќе се доведат и границите на сегашната Србија. Речиси е веројатно дека изолираната Србија од земји членки на НАТО и без директна руска и кинеска помош ќе ја изгуби војната. Во тој случај, Западот остро ќе ја казни Србија со отцепување на Војводина, Санџак и Прешевската долина.
Од друга страна и Вучиќ ги користи Русија и Кина за неговите интереси. Мала е веројатноста дека Вучиќ ќе влезе во директна конфронација со Западот, но сепак таквата можност не треба да се исклучи во целост. Тој картата на развивање на блиски односи со Москва и Пекинг ја користи за зачувување на власта, но и за зголемување на влогот во преговорите за нормализација на односите со Косово и зајакнување на позициите на босанските Срби.
Зголемувањето на влијанието на Кина во Србија, ќе има директно влијание и во Северна Македонија ако се имаат предвид блиските српско-македонски односи. И руското влијание во земјата доаѓа преку Србија, пред се преку руските медиуми Спутник и Раша Тудеј на српски јазик.
За зголемено кинеско влијание во Северна Македонија предупредуваат и невладините организации. Невладината Естима деновиве објави анализа за кинеското влијание во земјата, во која се забележува зголемување на економската зависност од Кина. Според анализата, економските притисоци се детектирани во трговијата, капиталните инвестиции и надворешниот јавен долг.
„Кина може да веведе ембарго за увоз или извоз на некој производ. Затоа Министерството за економија треба да направи повеќе напори со Стопанските комори да се диверсифицира пазарот“, вели Ана Крстиновска, претседателка на Естима.
Според неа, и проектот за изградба на автопатот Кичево-Охрид треба да се затвори што е можно побрзо затоа што одлагањето на роковите ја става во неповолна положба земјата, која ќе биде принудена да зема нови кредити од Кина и со тоа ќе се зголеми надворешниот долг.
Северна Македонија 17 пати повеќе увезува кинеска стока отколку што извезува на кинескиот пазар. Друга е приказната со Србија, која добива големи кинески инвестиции затоа што Белград ги поддржува стратешките кинески интереси на Западен Балкан. Р.З.