Во македонското собрание веќе е стигнат предлог-законот за задолжување на државата со половина милијарда евра кај унгарска експорт-импорт банка. Владата предлага Собранието да го усвои по скратена постапка.
Според текстот на договорот за заем што треба да го склучи Република Северна Македонија со унгарската банка, се знае следното:
Заемот ќе се повлече во една транша. Рокот за отплата е 15 години со грејс-период од три години. Каматната стапка е фиксна (3,25%). Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати. Државата ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма, избрана од страна на унгарската експорт-импорт банка.
Користењето на заемот е дискреција на државата. Наводно, половина од заемот ќе биде „за финансирање проекти за општините“, а другата половина ќе биде пласирана како „поволни кредити за приватните компании“.
Првичната информација дојде од премиерот Христијан Мицкоски на маргините на Самитот на НАТО, по средбата со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, на 11 јули во Вашингтон.
Интересно е што две седмици подоцна, кредибилни медиуми (како „Политико“) објавија дека Унгарија позајмила една милијарда евра од три кинески банки и дека сумата е целосно повлечена на 19 април. Подоцна оваа информација ја потврдија и од Будимпешта.
Значи, Унгарија, која има рекордно висок јавен долг од 140 милијарди евра што изнесува повеќе од 73 отсто од БДП, се задолжила кај Кина, а само 3 месеци подоцна ѝ позајмува пари на Северна Македонија.
Ова е голема тема во Северна Македонија што се надоврзува на друга, со истите играчи. Најавен е потенцијален влез на унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG“ во земјава за што веќе е потпишан Меморандум за разбирање. Според информациите од независни медиуми во Унгарија 4iG е компанија со која раководат луѓе блиски на премиерот Орбан. Проблематичен е фактот дека 4iG има стратешко партнерство со кинески Хуавеј што е во спротивност со домашното законодавство кое бара набавка на современа 5Г-мрежа исклучиво од доверливи добавувачи, меѓу кои не спаѓаат кинески компании. Измените на Законот за електронски комуникации, донесен е пред три години. Имено, измените беа донесени откако во октомври 2020 Северна Македонија потпиша меморандум за соработка со американската администрација, кој предвидува пристап на „чисти“ и доверливи производители на 5Г-мрежи.
Со тоа, Северна Македонија се приклучи на иницијативата на САД, на која пристапија повеќе европски држави членки на ЕУ, со која фактички се забранува инсталирање опрема на „Хуавеј“ и „ЗТЕ“ во државите потписнички на иницијативата поради сомненија дека податоците на граѓаните, собрани преку овие телекомункациски оператори, неовластено завршуваат кај властите во Пекинг.
За ова прашање анализи направи и германската фондација Конрад Аденауер. Фондацијата, заедно со Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје во публикација објавена во мај 2024 заклучуваат дека има знаци на зависност на Северна Македонија од Кина во три сфери: трговија, инвестиции и заеми за инфраструктура.
„Досега Кина не се обидела зависноста да ја користи како „оружје“ како што тоа беше случајот со Литванија, Шведска или Јапонија. … Но, тоа не значи дека кинескиот трансакциски пристап досега не бил (во игра) затоа што Кина во изминатиот период бараше низ инвестиции да ги „награди“ земјите со попријателски однос, како Србија и Северна Македонија“, се наведува во анализата.
Преку економско влијание, Кина се наметнува и политички во Северна Македонија и регионот. Кина е четврти економски партнер на Северна Македонија. Вкупниот надворешен јавен долг кон Кина изнесува 478,6 милиони евра што е 8,7% од вкупниот надворешен јавен долг и 3% од БДП на земјата, покажуваат официјални статистички податоци.
(Целата анализа прочитајте ја на Гласот на Америка)