Кина покажува засилен интерес за продлабочување на соработката со РСМ во повеќе полиња. Сепак, евидентно е дека кинеските власти постојано ги кршат човековите права и слободи во својата земја, а од друга страна РСМ се посочува како држава за пример во која етничките и верските различности ги уживаат најголем дел од загарантираните права и слободи.

Како доказ за дволичноста на Кина се смета нејзината осуда кон операциите на Израел во Рафах, кои ги смета кршење на меѓународното право.

Неодамна Кина ги осуди акциите на Израел во Рафах против цивилните жртви и за кршење на меѓународното право, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, пренесуваат македонските медиуми.

Содржината на реакцијата на кинеската дипломатија за Рафах не е спорен, спорен е интегритетот на кинеската држава, која го застапува тој став. Кина како држава, која држи лекција за почитување на меѓународното право на Израел, самата на најбрутален начин ги крши правата и слободите на сопствените граѓни од ујгурско потекло.

Вакви тешки обвинувања доаѓат од Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации, кој во август 2022 година, издаде остар извештај во кој утврди дека кршењето на правата од кинеската влада на Ујгурите и другите турски муслимани во Ксинџијанг „може да претставуваат… злосторства против човештвото“.

Лани, високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, ја призна потребата од „конкретно следење“ на заклучоците од извештајот. Сепак, тој допрва треба да го информира Советот за човекови права на ОН за извештајот или за тековното следење на ситуацијата во Ксинџијанг од неговата канцеларија.

„Во однос на Кина, отворивме канали за комуникација со низа актери за следење на различни прашања за човековите права, вклучувајќи ја и заштитата на малцинствата, како што се Тибетанците, Ујгурите и другите групи. Во регионот Ксинџијанг, мојата Канцеларија документира сериозни грижи – особено големи произволни притворања и тековни семејни разделби – и даде важни препораки кои бараат конкретно следење. Имаме загриженост и за строгите ограничувања на граѓанскиот простор поопшто, вклучително и произволното притворање на бранителите на човековите права и адвокатите; и влијанието на Законот за национална безбедност во Хонг Конг“, вели комесарот Турк во извештајот.

Како целосна спротивност на Кина, РСМ како земја аспирант за членство во ЕУ и земја со различни етнички и верски заедници, придава сериозна важност на почитувањето на човековите права и слободи. И во самите истражувања на јавното мислење, мнозинството од граѓаните на РСМ ја сметаат Кина за авторитарна држава во која човековите права не се почитуваат, и во која нема демократија и плурализам.

Паралелно со кинеските интензивни напори за прикажување на позитивна слика во македонското општество на нејзините економски и технолошки достигнувања, Комунистичката партија на Кина вешто се обидува да го прикрива своето непочитување на човековите права и слободи.