Од Ким Мехмети

Да, има мигови кога зборовите го губат своето значење, кога болката оди потаму од она што може да го искажеме со зборови.

Во Кочани животот го загубија деца и млади кои беа рајот на нивните родители и на оваа држава.

И како и секогаш, нас нè обединуваат само трагедиите и, како што обично бидува, народот што плаче ќе го тешат тие што изградија држава каде што единствени сигурни градби се скапите вили на нашите државници и политичари.

Затоа не прашувајте како се случи да изгоре модуларната болница во Тетово и сега дискотеката во Кочани, оти нив ги запали нашата неодговорност и нашата немоќ да ги поплавиме скопските улици и по нив да ги влечеме тие што нè сметаат за безвредни и безгласни бројки.

Како и да е, за сега не ни преостанува ништо друго туку да ја споделиме болката со оние што ги загубија своите најблиски и да се запрашаме: колку сме виновни и ние самите затоа што оваа мала Македонија стана огромна ‘печка’ во која горат живи луѓе!