Риалити ѕвездата Ким Кардашијан Вест е именувана во судски случај во кој се тврди дека учествувала во увоз на античка римска статуа за која американските власти тврдат дека е украдена од Италија, пренесува „Си-Ен-Ен“.
Судските документи поднесени во петокот во Калифорнија велат дека американската влада барала одземање на „украдената, шверцувана и нелегално извезена“ античка статуа за која се верува дека ѝ била предадена на ѕвездата.
Но, портпаролот на Кардашијан Вест вели дека таа „никогаш не го купила ова парче“ и дека „дури сега дознала за постоење на оваа статуа“.
„Веруваме дека можеби е купено со нејзино име без овластување, таа никогаш не ја добила статуата ниту била свесна за трансакцијата“, вели портпаролот во изјавата за „Си-Ен-Ен“.
„Ние ја охрабруваме истрага и се надеваме дека статуата ќе биде вратена на вистинските сопственици“, додава тој.
Италијанските власти ја опишаа скулптурата како „Фрагмент од Сајонска Атина на Мирон“ која датира од 1-от или 2-от век од нашата ера.
Статуата била запленета од американската царина и гранична полиција на пристаништето во Лос Анџелес во јуни 2016 година, како дел од пратката „Антиквитети и модерен мебел и украси“. Пратката во која имало 40 артикли тежела повеќе од 5 тони, а била проценета на над 745.000 американски долари.
Во формуларот поднесен од царината се наведени увозникот и примачот на артиклите како „Ноел Робертс Траст“ компанија директно поврзана со набавките на недвижнини на Ким Кардашијан и Кание Вест во САД.
Во судските документи стои дека еден од испраќачите на пратката бил познат дилер на уметности и дизајнер на ентериер Аксел Вервут, кој работел со Кардашијан и нејзиниот сопруг Канје Вест на неколку нивни имоти.
Археолог испратен од Министерството за културно наследство на САД, оценил дека статуата е изработена во „класичен стил“ кој датира од периодот на раното до средноримското царство, додавајќи дека Министерството побарало „да се направат сите напори за враќање на статуата во Италија“.
Царината и граничната полиција на САД ја заплениле скулптурата откако добиле различни информации за нејзиното потекло. Судските документи тврдат дека во фактурите за оваа пратка, се чини дека се опишани две различни статуи – една со потекло од Германија и друга од Италија.