Украинското Министерство за надворешни работи денеска ги осуди „лажните избори“ организирани од Русија на окупираните украински територии, истакнувајќи оти овие избори грубо го нарушуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и меѓународното право.

Русија одржува регионални избори, вклучително и во четири украински региони кои не ги контролира целосно – Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон.

– Руските лажни избори на привремено окупираните територии се ништовни. Тие нема да имаат никакви правни последици и нема да доведат до промена на статусот на украинските територии под окупација на руската армија, се наведува во соопштението од украинското МНР.

Киев ги повика меѓународните партнери да го осудат гласањето и да не ги признаат изборните резултати.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен вчера изјави дека изборите на украинските територии под руска окупација се „лажни и нелегитимни“. Руската амбасада во САД денеска возврати дека Вашингтон се меша во внатрешните работи на Русија.