По објавувањето на пресудата за лидерот на прокурдската партија Селахатин Демиртас против Турција, од вчера Интернет страницата на Европскиот суд за човекови права е цел на голем кибер напад, што ја направи привремено недостапна, јави дописникот на МИА.

Според краткото соопштение на Европскиот суд за човекови права, што  самиот го обелодени нападот, понатаму се додава дека „судот длабоко жали за овој сериозен инцидент.

Надлежните служби во моментов вложуваат напори за што побрзо санирање на состојбата”

„Во оваа фаза не е забележана загуба на податоци“, прецизираше прес-службата на судот за францускиот печат.

Прес-службата на судот изјави дека нападот траел до утрово. Веб-страницата, која беше недостапна од вчера попладне, започна повторно да работи утрово, пренесува Франс прес.

Ова е втор ваков напад на веб-страницата на судот, но овој вчера беше од голем обем, прецизира прес-службата.

Судот за човекови права вчера ја осуди Турција за затворање на прокурдскиот опозиционер, барајќи тој веднаш да биде ослободен.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остро реагираше на таа пресуда, а особено на наредбата за ослободување на Демиртас.

„Ова е целосно политичка одлука … Барате ослободување на некој одговорен за смртта на 39 наши сограѓани е политика на двојни стандарди, тоа е лицемерие“, рече Ердоган, осврнувајќи се на насилните демонстрации во 2014 година со десетици жртви во југоисточна Турција, за кои властите сметаат дека се одговорни лидерите на прокурдската партија ХДП.