Структури во Бугарија и Македонија кои ги влошуваат билатералните односи меѓу двете земји работат во полза на руските интереси – ова е оценката на бугарскиот аналитичар и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Милен Керемедчиев. Во изјава за Алсат, Керемедчиев искоментира дека руските служби работат во двете земји да не се оствари евроинтеграцијата на Македонија. Тој вели дека Москва ова го прави преку политички и дипломатски притисок и преку своите служби.

„Тоа се гледа, а и понекогаш изјави на некои македонски и бугарски политичари често се поврзуваат со говорот на омраза, што е во полето на руските интереси. Затоа што колку повеќе Северна Македонија е подалеку од европската перспектива и принципи, толку повеќе се приближува до кон орбитата на Русија и би можела да стане вториот тројански коњ на Балканот, после Србија“, вели Керемедчиев.

Според Керемедчиев, руските служби дејствуваат на повеќе нивоа во земјите кои се од нивен интерес. Како пример посочи, дека минатата година официјална Софија протерала и готвачи и учители од Руската амбасада во Софија поради разузнавачки дејности, па во оваа насока не би бил исклучок и рускиот свештеник Васијан Змеев, кој го протераа и Македонија и Бугарија. Керемедчиев вели дека руската црква силно ја поддржува државата во поглед на војната во Украина и генерално на светски план, па затоа не е невообичаено да доставува информации за службите. Сепак, како што додаде аналитичарот, чинителите и во Македонија и во Бугарија сега веќе се зрели и работат на протерување на ваквите лица.