Додека претставници на македонската власт најавуваат, а опозицски претставници ги демантираат наводните можности за деблокирање на бугарското вето во периодот декември – јануари, бугарската јавност очекува новата влада во Софија посилно да го врати нејзиното влијание во надворешната политика. Во моментов извесно е дека шефот на бугарската дипломатија ќе биде од редовите на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов, а се шекулира дека кандидати за таа функција се Димитар Гардев и Павела Митова.
„Колку побрзо се формира владата и Бугарија добие навистина репрезентативен министер за надворешни работи, се надевам дека толку побрзо ќе се вратиме на преговарачката маса со силни позиции и со јасна перспектива – што Бугарија навистина сака да се случи за да може да има промена во нејзината надворешна политика“, вели бугарскиот дипломат и експерт по меѓународни односи, Милен Керемедчиев, во интервју за Радио Фокус, а пренесува Дојче Веле на македонски јазик.
Тој го оправдува бугарскиот став за одвојување на Албанија и Северна Македонија во пристапниот процес кон ЕУ, и наведува кои се причините за тоа.
„Сметам дека е правилен последниот став на Бугарија за разделување на Албанија и Република Северна Македонија, бидејќи така ќе се види дека и Албанија всушност има проблеми за започнување на преговорите за членство, кои произлегуваат од други западноевропски држави, како Холандија и Франција, кои имаат стравови од брз прием на Албанија во ЕУ. Така повеќе ќе се види и дека Бугарија не е основната сопка и пречка за членство на двете држави во ЕУ“, вели Керемедчиев.
Тој смета дека двете земји се различни во својата подготвеност и дека „е логично да бидат одвоени“ во процесот, но не верува дека тоа ќе се случи, бидејќи политиката на ЕУ е да ги поврзува кандидатите и да бидат примани заедно. Потсетува дека таков бил случајот и со Бугарија и Романија, иако двете земји меѓусебно постојано се обвинувале дека едната ја кочи другата.