Кандидатот на Доналд Трамп за министер за здравство, Роберт Кенеди Џуниор, денеска на сослушување пред Сенатската комисија за финансии изјави дека државата треба да го контролира абортусот и дека се согласува со Трамп во неговиот став дека секој абортус е трагедија.

Кенеди, кој ги поддржуваше правата за абортус за време на неговата претседателска изборна кампања, целосно го поддржа ставот на Трамп за абортусот на сослушувањето, а некои сенатори го критикуваа дека „често се предомислува“ по ова прашање.

„Се согласувам со претседателот Трамп дека секој абортус е трагедија. Се согласувам со него дека не можеме да бидеме морална нација ако имаме 1,2 милиони абортуси годишно. Се согласувам со него дека државите треба да го контролираат абортусот“, рече Кенеди како одговор на прашање од републиканскиот сенатор Џејмс Ланкфорд.

Сенаторот Рон Вајден од Орегон предупреди дека Кенеди не треба да биде секретар за здравство бидејќи тој наводно поддржува „теории на заговор“ за вакцините.

Кенеди претходно рече дека „нема вакцина што е безбедна и ефикасна“, но во воведното говорење на сослушувањето, тој рече дека сите негови деца биле вакцинирани, според АП.

На прашањето за патувањето во Самоа во 2019 година, тој рече дека неговата посета не е поврзана со вакцини и дека поддржува американска програма која носи лекови за ХИВ во земјата.

Според АП, Кенеди се сретнал со официјални лица во Самоа кои отворено се противат на вакцините, а неколку месеци подоцна избувна епидемија на сипаници во која починаа 83 лица, главно деца.

Кенеди ја негираше оваа наводна вмешаност во епидемијата на сипаници и рече дека ги поддржува вакцините против мали сипаници и детска парализа.

„Нема да направам ништо што им отежнува на луѓето да добијат некоја од тие вакцини“, рече тој. Тој се осврна и на епидемијата на дебелина, а според податоците од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), околу 20 отсто од децата и адолесцентите се дебели, додека стапката на дијабетес кај децата продолжува да расте меѓу два и пет отсто годишно.

Иако Сенатот сè уште не отфрлил ниту еден предлог на Трамп во Сенатот, кој е под контрола на републиканците, кога станува збор за именувањето на Кенеди, мислењата се поделени, како кај конзервативците, така и кај либералите, поради контроверзните ставови на Кенеди, пренесува Ројтерс.

Демократскиот лидер во Сенатот, Чак Шумер, го критикуваше Кенеди за неговото противење на вакцините, означувајќи го како „најопасниот кандидат за здравјето на Американците“.

И додека некои републиканци, како сенаторот Бил Кесиди, не се согласуваат со неговите ставови за вакцините, Кенеди истакнува дека не е против вакцините и дека верува во нивната важност за здравјето, бидејќи и неговите деца се вакцинирани, според медиумот.

Кенеди, исто така, планира да се фокусира на решавање на хроничните болести.