Амстердам е еден од 12-те градови домаќини во кои летово ќе се игра Европското првенство, на кое ќе дебитира Македонија.
Холанѓаните најавија дека планираат да пополнат две третини од капацитетот без оглед на актуелната пандемија со коронавирус, а медиумите од оваа земја веќе најавија како тоа ќе го направат домаќините – со брзи корона-тестови за гледачите пред секој меч.
„Бараме креативни и иновативни решенија, а тоа значи дека бројката на гледачи би можела да стигне и до 30 и повеќе илјади гледачи. Реални сме, но и оптимисти дека можеме ова да го направиме. Јас се надевам на две третини или три четвртини пополнет капацитет. Останува само дистанца на метар и половина“, вели Ерик Гуде, директорот за професионален фудбал во холандската федерација (КНВБ).
Холандија сите три меча од нашата Ц-група ќе ги игра во Амстердам, со Украина (13 јуни), Австрија (17 јуни) и Македонија (21 јуни). Пред да го одиграме мечот со „лалињата“, Македонија воведните два меча на дебито на Европските првенства ќе го има во Букурешт со Австријците на 13, а потоа со Украинците на 17 јуни.