„Сѐ што имавме да им соопштиме на јавноста за состојбите со Бугарите во Македонија стои во писмата испратени до амбасадите. Засега тоа е нашиот глас до јавноста, ги очекуваме реакциите од амбасадите“, изјавија во телефонски разговор за „Независен“ од најтесното раководство на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола. И уште порачаа дека секој што сака да ги следи состојбите да ставел „лајк“ на нивната страница.
Во материјалот на „Независен“ стои дека од КЦ „Иван Михајлов“ не откриле повеќе детали, велејќи дека нивната работа како културен центар е јавна и транспарентна и секој нивен потег го објавуваат на Фејсбук страната „Културен центар ‘Иван Михајлов’ Битола“.
„Центарот вчера ги објави на својата Фејсбук страница писмата испратени до амбасадите на САД, Германија, претседавачот со ЕУ, Португалија, како и до Делегацијата на Европската унија. Сите наши реакции се содржани во тие писма, сѐ е јавно“, велат уште од Културниот центар „Иван Михајлов“ Битола, стои во материјалот објавен од „Независен“.