Директорот на Управата за санкции Александар Пандов поднесе кривични пријави против неколкумина затворски полицајци од затворот во Штип оти во февруари дозволиле непознат автомобил да влезе преку една од капиите и преку ѕидот да фрли кокаин и марихуана спакувани во топка, а потоа затворски полицајци заедно со затвореници ја барале топката во тревникот. Настанот се случил на 20 февруари, во 21.40 часот, па откога во мракот не ја нашле дрогата, затворските полицајци и затворениците следниот ден се правдале дека барале изгубен часовник. Целиот настан го регистрирале безбедносните камери во затворот, а директорот Пандов најави дека снимката ќе ја испрати до медиумите, а тој на прес-конференција во Владата раскажа што се гледа во видеото оти јавноста ќе го добие со послаб квалитет.
„На 20.02 пред затворот Штип доаѓа едно возило. Во самиот затвор има две првични капии и третата која што е за самиот влез во затворот, возилото ја поминува првата капија и доаѓа до втората капија. На таа капија постои дежурана, постои стражарска служба и постои затворски полицаец. Веднаш да напомнам дека тој затворски полицаец не запишува во дневникот кој дошил и кој, кој се појавил и такво појавување на возило и човек кој не е вработен во затворот е забранета работа. Ќе ми дозволите да не ги кажам полните имиња и презимиња, во дежураната е затворски полицаец со иницијали (М.Т.). Следно се гледа дека од возилото излегува лице кое доаѓа до ѕидот на затворот. Веднаш да појаснам, тоа лице преку ѕидот префрла топка. Настанот се случува во 21.40 часот, навечер“, раскажа директорот Пандов.
Понатаму на снимката Пандов објаснува дека се гледа како во дворот се појавуваат двајца затвореници, (Ж.Ж.) и (Р.К.) од кои едниот било јасно видливо дека цело време зборува на телефон и двајцата почнале да бараа нешто во тревникот. Зад нив се појавил и затворски полицаец кој ги предупредил да се вратат оти не им е дозволено да бидат во тој дел од затворот, но за кратко и тој почнал со нив да бара нешто низ дворот. По наредба на командирот на смена (Т.И.) биле повикани уште четворица затворски полицајци со иницијали (З.Г.), (Т.С.), (С.Ј.), и (С.М.). Пандов вели дека на снимката се гледа дека и тие затворски полицајци се вклучиле во потрагата во дрвото, со вклучени батериски ламби а затвореникот (Ж.Ж.) цело време зборува на телефон и никој од нив не го предупредува. Потрагат не била успешна, оти не успеале во дворот да ја најдат топката.
„По наредба на директорот сабајлето повторно се бара она што го барале затвореникот и затворските полицајци во тревникот. Се наоѓа топка во кеса во која се пронајдени 35 грама бела материја во прав, кокаин, и околу 50 грама марихуана. Кога директорот поставува прашања на затворската полиција и на командирот што баравте и зошто баравте, зошто не реагиравте, објаснувањето и во нивната службена белешка е дека затвореникот (Ж.Ж.) си играл со кучката, имаат кучка Цеца таму, дека си играл со кучката Цеца, а имал скап часовник, кој морам да потенцирам дека претходно го нема пријавено, 1000 евра навел дека бил, го нема пријавено кога е донесен во затворот Штип иако мора да го пријави. Кажале дека му го има земено кучката Цеца часовникот, дека трчала низ тревникот и дека му го изгубила, па вработените за да му излезат во пресрет го барат часовникот“, рече директорот Пандов и нагласи дека дрогата истиот ден ја предале во СВР Штип.
По наредба на директорот осум дена подоцна била формирана дисциплинска комисија од петмина членови. Сите ја виделе видеоснимката, но тројца затворски полицајци гласале дека вмешаните колеги немаат вина. Против бил само еден затворски полицаец и госпоѓа која е на ресоцијализација.
„За жал полицајците (Б.Д.), (К.П.)и (З.А.) не пронаоѓаат вина и веруваат во тоа дека затворската полиција го бара часовникот што го изгубил затвореникот (Ж.Ж.) оти кучката Цеца му го однела некаде настрана“, рече директорот Пандов.
Тој посочи дека платите на затворските полицајци вклучени во инцидентот се од 57.000 денари до 67.000 денари. Управа за извршување санкции направил вонреден инспекциски надзор за овој случај, сите документи ги предала на истражните органи, а денес поднеле и кривични пријави против затворските полицајци.
Директорот Пандов очекува „енергични санкции“ за сите вмешани оти само на тој начин може да се справат со криминалот и корупцијата кои во затворите според него се најголеми оти затвореници и вработените во затворите се вмрежени.
Текстот Кажале дека бараат часовник што го изгубил затвореник додека играл со кучката Цеца, а барале кокаин и марихуана во топка, кривични за штипски затворски полицајци е превземен од МАКФАКС.