Крајот на годината, секогаш ветува подобар почеток на следната. Годината во заминување беше исполнета со многу предизвици, ни донесе многу тага, но нѐ направи и многу среќни.
Оваа година нѐ научи прво да се соочиме со себе, а поретко со другите. Бевме сведоци на полициски час, карантини, загубивме драги луѓе, но спознавме и научивме и многу нови работи.
Направивме листа на омилени јавни личности, ги контактиравме и им поставивме две навидум многу едноставни прашања. Но, одговорите беа тотално различни, искрени, особено љубовни и полни со нова надеж.
Годината во заминување остави белег и во животот на македонската актерка и балерина Катерина Шехтанска. Таа вели дека и покрај тешките моменти, долгите месеци исполнети со вознемиреност и неизвесност, сепак, 2020 година ја научила на некои важни лекции, но и дека со нови сили, ентузијастички треба да се влета во новото поглавје.
По што ќе ја паметите 2020 година?
– Оваа година која, за среќа, е на самиот крај, за жал, ќе ја паметам по лоши нешта. Од сите работи кои се случија, најмногу ме погоди што загубив двајца членови на потесното семејство, за неполн месец.
Оваа година, сепак, ме научи на некои важни лекции, иако немаше потреба на ваков начин, реално. Но сепак од сè учиме и извлекуваме поука.
На самиот старт, речиси на почетокот на сезоната замре културниот живот, веќе од март немавме ништо на репертоар, што дополнително го изместува животот на еден уметник. Се посветив на децата, на завршување на училишната година, која се одвиваше онлајн, и за првпат децата се соочија со досега несвојствен за нив начин на школување (најтежок за родителите, морам да признаам). Година во која моравме да научиме да вреднуваме повеќе, да внимаваме повеќе на себе и на своите најблиски, да учиме од грешките и слободно време на претек за правење нови грешки, за жал.
Што очекувате од новата 2021 година?
– Од новата година не очекувам баш ништо. За сè што реков или помислив дека тоа мене не може да ми се случи или за што и да се почудев, сè ме снајде. Затоа, мирно ќе ја испратам старата година, а од новата, без големи очекувања, едноставно ќе оставам – како треба, така нека биде. Мислам дека доволно зајакнав и научив да се справувам со секакви предизвици кои ни ги сервира животот. Најважно од сè е да сме живи и здрави, и со нови сили, ентузијастички да влетаме во новото поглавје. Сите правиме грешки, но секогаш да имаме на ум дека, сепак, треба да знаеме да се исправиме и да продолжиме понатаму.
Сепак, животот ни е една голема угорница, а уште поголема удолница по која трчаме.
Затоа, кај ќе нè одведе животот, никој не знае.
Нека ни е среќна Новата година!