Министерството за одбрана на Катар објави дека противвоздушните сили пресретнале ракетен напад насочен кон воздухопловната база Ал-Удеид.
„Благодарение на Бога, будноста на вооружените сили и превентивните мерки, инцидентот не доведе до губење на животи или повреди“, се вели во соопштението на министерството, како што објави „Ал Џезира“.
Катарското Министерство за одбрана потврди дека воздушниот простор и територијата на Државата Катар се безбедни и дека катарските вооружени сили се во состојба на готовност, осудувајќи го иранскиот напад кој „претставува јасно кршење на суверенитетот, воздушниот простор и меѓународното право“.
Катар, како што објавија свтеските агенции, додаде дека го задржува правото директно да одговори на начин соодветен на природата и обемот на нападот и во согласност со меѓународното право, на што Советот за национална безбедност на Иран одговори дека воените операции не претставуваат „никаква закана или опасност за нашата пријателска и сестринска земја, Катар, и нејзиниот народ“.
Претходно, сирените за опасност во воздухот се вклучија во Катар, Ирак, Бахреин, а воздушниот простор беше затворен во Обединетите Арапски Емирати.