Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами денеска на прес конференција посочи дека поранешното раководство на општина Тетово буквално уништило се.
„Штетата што ја направија на тетовските даночни обврзници е неопростлива. На пример, само во еден случај кога вредноста на експропријацијата била 3 милиони денари, сега каматата за оваа сума е 65 милиони денари. Инаку, овој случај датира од 80-тите години, а повторно бил активиран во 2015 година, за кој сите судски одлуки се позитивни . Се сомневаме дека претходното раководство намерно не го обжалило решението, за кое денеска општина Тетово плаќа камата и со тоа не само што се оштетува буџетот на општината, туку и на граѓаните. Затоа, денеска свикавме прес-конференција за да ја информираме јавноста дека ние како општина поднесовме кривична пријава против поранешната градоначалничка и нејзин близок функционер, против судија и адвокат, поради сомнение дека ги злоупотребиле службените овластувања и положби, со што е оштетен буџетот на општина Тетово во износ од 68 милиони денари. За овој случај, од добивањето на мандатот само за камати плативме над 29 милиони денари или приближно половина милион евра“, вели Касами.
Според него, вредноста на овој предмет, кој се однесува на имот чија експропријација била извршена многу порано , била околу 50 илјади евра.
„Поранешното раководство не реагирало навреме и не поднеле никаков приговор или договор со странката за да не го оштетат буџетот на општина Тетово, со единствена цел, да ги искористат евентуалните пазарења што можеле да се направат со странката. Ние не сакаме да се претставуваме како жртва , ниту се обидуваме да шпекулираме за многуте пропусти и законски прекршувања направени во времето на претходните локални власти, туку само сакаме да ги откриеме фактите и аргументите. Се обидуваме да им објасниме на граѓаните каде завршиле нивните пари и зошто општината е во огромни долгови. Граѓаните имаат право да знаат зошто е блокирана сметката на Општина Тетово, а со тоа се кочи нормалното функционирање на локалната власт“, вели Касами.
Касами додава дека се бара од Јавното обвинителство да го истражи овој случај и да ги констатира сите можни пропусти кои се направени, исто така и да се надомести финансиската штета што и е нанесена на општина Тетово.
„Бараме од Јавното обвинителство да истражи дали горенаведените лица биле соизвршители на кривичното дело „Злоупотреба на службената должност од Законот за кривичните дела и ко -сторители на кривичното дело-попречување на правото” . И покрај многуте пречки кои ни доаѓаат како резултат на блокираната сметка и големите долгови, сепак, ние продолжуваме да работиме на реализација на сите проекти за кои се залагаме“, вели Касами.