Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов вели дека специјалниот пратеник за Бугарија, Владо Бучковски е добронамерен човек со политичко искуство, кого властите во Скопје сакаат го користат за да глумат добра волја.
„Едноставно го користат за да се демонстрира добра волја. Тој има добра волја, но јас мислам дека кај тие што го испраќаат нема добра волја. Зашто за 3,5 години не направија ништо и сега се надеваат на компромис од бугарска страна. А тоа нема да се случи“, порачува Каракаџанов.
Тој тврди дека властите во Скопје вршат притисок врз луѓето кои имаат бугарска свест во Македонија, имаат бугарско државјанство или возат автомобили со бугарски таблички.
„Ги запираат, им прават контроли, им пишуваат глоби, некои луѓе се преместуваат на полоша работа… се прават списоци на луѓе кои се изјаснуваат како Бугари, а еден државен службеник дури рече тие да се екстрадираат во Бугарија. Таму има див менталитет од 19 век и не гледам основа да се очекува напредок“, обвинува Каракачанов. Според него, македонската влада не треба да се залажува дека ставот на Бугарија ќе се смени после шест месеци кога со ЕУ ќе претседава Словенија затоа што во бугарското општество има консензус околу ставот кон Скопје. „Подобро е да седнат чесно и да разговараат, да не ги користат песните од југословенските вечеринки. Стопати сум кажал, за жал не ме разбираат. Проблемот не е наш, политиката на раководството во Скопје го создава проблемот“, вели Каракачанов.