Министерот за одбрана и потпретседател на бугарската влада Красимир Каракачанов изјави дека Бугарија нема сама да си плукне во лице и да се раздели со својот идентитет заради мегаломанските идеи одредени кругови во Скопје.
„Ако во Скопје си мислат дека компромисот ќе дојде од тоа Бугарија да си плукне во лицето и да се раздели со својот идентитет, бидејќи некакви таму си фантазираат мегаломански идеи само за да влезат во ЕУ по секоја цена, тоа нема да се случи“, изјави министерот за одбрана и потпретседател на бугарската влада Красимир Каракачанов во емислијата „Лице во Лице“ на бугарската БТВ.
„Претходно си мислеа дека се наследици на Александар Македонски, но Грците им рекоа не и тие се откажаа. Не може да си мислиш дека Самуил е македонски цар кој владеел со Бугарија како што пишува во нивните учебници. Тие велат „ние мислиме дека Гоце Делчев е Македонец“. Мислете си што сакате. Но за да ја дознаете вистината отворете ги писмата на Гоце. Отворете ги извештаите на турските власти во кои пишува дека е убиен најголемиот бугарски комитаџија“, вели уште Каракачанов.
Во своето излагање бугарскиот министер за одбрана го постави и реторичкото прашање „зошто треба да има разбирање кон Скопје додека Бугарите трпат кога некој ги нарекува Татари, окупатори и цигани“. Според Каракачанов во последните 4 години Бугарија не само што не пречела на патот на РСМ кон ЕУ туку и помагала, според министерот со своите активности Скопје работело против себе.