Секој нормален човек што прочитал повеќе од пет страни историја, знае дека не постои македонски идентитет, одделен од бугарскиот пред 1944 година, порача Красимир Каракачанов.

Шефот на бугарската одбрана уште еднаш повтори дека Бугарите и Македонците зборувале ист јазик. Тој вели му кажал на Заев дека три години не сториле ништо, и кога дошол моментот за решение веќе било доцна.

„Не можеш да ја касаш раката која те поддржува и која ти е подадена со едно братска добронамерност во буквална смисла. Братско затоа што ние сме еден народ и говориме ист јазик. Што и да ми зборуваат и објаснуваат за идентитетот, кој што бил многу древен, секој нормален човек кој што прочитал повеќе од пет страници историја поврзана со Македонија знае дека таков идентитет – македонски, посебен од бугарскиот, пред 1944-та година не постои“, изјави Каракачанов за бугарските медиуми.

„Бугарски медиуми во Македонија нема. Има српски, има секакви, но бугарски нема. И Скопје продолжува да тврди дека биле нормално, демократско и плуралистичко општество. За 30 години откако Македонија е независна држава, таму не се решил ниту еден бугарски медиум да извади лиценца и да се прошири. По кабловските мрежи нема бугарски телевизии, по киосците нема бугарски весници. И тие тврдат дека го промениле односот кон Бугарија. Вие верувате ли? Јас не им верувам“, рече Каракачанов, автоматски отфрлајќи ја можноста дека бугарски медиуми нема затоа што нема интерес.