Бугарската централна изборна комисија продолжува да ги брои гласовите, од парламентарните избори на кои партија ГЕРБ излезе како победничка. Во тесна трка за второто место се Социјалистичката партија на Корнели Нинова и партијата „Има таков народ“ предводена од шоуменот Слави Трифонов. Одлуката на 48% од бугарските гласачи го отежнува формирањето на новата владина коалиција, која мора да обезбеди најмалку 121 од 240 места во законодавниот дом. Борисов решението го гледа во формирање експертска влада.
„Нудам мир. Да ги именуваме експертите и да излеземе од пандемијата до декември и тогаш ќе биде чисто и јасно! “, рече Борисов.
– Advertisement –
Од изолација поради симптомите на Коронавирус, Трифонов најави дека ќе се случи промена.
„… Вие баравте власт и промената е неизбежна!“, рече Слави Трифонов, „Има таков народ“.
Изненадувањето на овие избори е токму подемот на партијата на Трифонов, која водеше кампања во негов стил.
ВМРО на Красимир Каракачанов го призна поразот. Каракачанов им се заблагодари на гласачите и вети дека ќе ги заштити бугарските интереси во Македонија.
„Ние ќе продолжиме да ги браниме бугарските интереси во Македонија, бидејќи не треба да се прави никаков компромис по секоја цена! ВМРО ја загуби оваа битка, но борбата за најскапоцената, Бугарија, продолжува“, рече Каракачанов.
Трите најголеми бугарски партии, и покрај екстремните разлики околу внатрешните прашања, за време на предизборната кампања имаа идентични позиции за билатералниот спор со Северна Македонија.
„Посебен македонски идентитет беше формиран во првата половина на минатиот век, рече Екатерина Захариева, ГЕРБ.
„Македонија не може да стане членка на ЕУ на сметка на националните интереси на Бугарија“, кажа Корнелија Нинова, претседател на Социјалистичката партија на Бугарија.
„Доколку Северна Македонија не се согласи со нејзините бугарски историски корени, таа ќе остане надвор од ЕУ“, рече Слави Трифонов, „Има таков народ“.
Од друга страна, Скопје е оптимист дека со епилогот на парламентарните избори кај источниот сосед, ќе се интензивираат преговорите за изнаоѓање компромис за билатералните прашања.
Анеса Салиху