https://www.facebook.com/zoom.sm1/posts/150120210281120

Министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, изјави дека ако политичката елита во Северна Македонија не ги реши проблемите со Бугарија за да почне преговори со Европската унија, тогаш не треба да ја кочи Албанија во нејзиниот европски пат бидејќи како држава таа е многу понапредна во демократските реформи и во изградбата на државни институции во споредба со Северна Македонија.

„Не сум далеку од мислата, кога повторно ќе се постави по неколку месеци прашањето за влезот на Македонија и на Албанија, да предложам Бугарија да ја заземе следната позиција: Албанија и Македонија да бидат одвоени и да не одат во пакет. Бидејќи, како да кажам, отсуството на желба од страна на Скопје да бара вистински дијалог со Бугарија, практично ја кочи и Албанија. Треба да бидат одвоени. Албанија да си оди во посебна патека и Македонија во посебна патека“, истакнува Каракачанов во интервју за зум.мк.

Каракачанов тврди дека меѓу Бугарите во Македонија и Албанците од Косово и Албанија секогаш имало пријателство и соработка, дури воделе заедничка војна против Османската империја и српските окупатори.

„Востанието од 1913 година во Охрид, Струга Дебар, Кичево, Гостивар итн. е организирано од Приштинскиот комитет и од ВМРО. Постојат два договори меѓу ВМРО и Албанскиот комитет од времето на Тодор Александров во 1924 година и во 1928 година од времето на Иван Михајлов. Од албанската страна се: Хасан беј Приштина, Коџа Хадри, Бедри Пејани итн. од бугарска страна се Тодор Александров Петар Чаулев, генерал Протуѓеров“, потсетува бугарскиот министер.

Тој смета дека меѓу Бугарите и Албанците никогаш немало конфликти и конфронтација, напротив секогаш биле оштетени  од политиката на Белград, која има амбиции да биде хегемон на Балканот.

„Како против Албанците, така и против Бугарите во Македонија и во Западниот дел, имало репресии, за да бидат асимилирани од Бугари во Срби“, обвинува Каракачанов.

За разлика од Албанците, Србија секогаш имала великодржавна идеја уште од времето на малото српско кнежевство во почетокот на 19 век, која пред ослободување на Бугарија, иамала планови за асимилација на бугарското население во Македонија.

„Погледнете ги српските карти од 19 век. Излегува дека на Балканот нема друг народ освен Србите. Во Македонија-Јужносрбијанци, во Бугарија шопски Срби. Дури до Црно море, сите биле Срби“, оценува тој.

Според него, Стојан Новаковиќ кон крајот на 19 век многу едноставно ја објаснува српската логика, дека не може да ја победат бугарската идеја во Македонија, ако ја спротивстават српската идеја.

„Ни треба сојузник и ние треба да се обидуваме да спроведуваме политика, дека населението во Македонија не е српско, но не е ни бугарско, а нешто различно. И кога ќе го направиме нешто различно, потоа полесно ќе ги направиме Срби“. Тоа е српската идеја“, објаснува Каракачанов.

Тој потсетува дека во Србија има интелектуалци, писатели и историчари, кои отворено зборат дека Македонците се Бугари.