Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за ТВ Шења и порталот зоом.мк тврди дека причините за ниската стапка на реализација на капиталните инвестиции е во неспособноста на администрацијата и лошите планови.
„Минатата година имавме највисока реализација на капиталните инвестиции од претходните години. Над 85 отсто од предвидените 780 милион евра се реализирани. Во последните три години работиме на отклонување на сите пречки. Ова година е тест за нас колку имаме капацитет да ги реализираме инвестициите“, вели вицепремиерот Битиќи.
Тој тврди дека до крајот на годината автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен и граѓаните ќе можат да го користат, а годинава ќе почне и изградбата на автопатот во рамките на коридорот осум од Тетово до граничниот премин Ќафасан, кој треба да се изгради за четири години.
Во врска со ниското темпо на изградба на автопатот Скопје-Блаце, Битиќи негира дека пречката е во отсуство на политичка волја кај владата, туку капацитетот на ангажираните компании и неспособноста на администрацијата.
„Кажав и пак повторувам, ако не се подготвени да го изградат автопатот, нека дојдат во мојата канцеларија и нека кажат дека не се способни да го изградат автопатот и да го раскинеме договорот. Не бараме ние да го раскинеме договорот затоа што еден период вината беше и на администрацијата поради бавната експропријација“, истакнува вицепремиерот.
Тој се залага за воведување на дигитален асистент за борба против корупцијата бидејќи тој не може да се корумпира.
Коментирајќи ги наводите на опозицијата дека годинава владата ќе не задолжи со над милијарда и пол, Битиќи вели дека новото задолжување ќе биде околу 800 милиони евра, од кој најголем дел ќе се користи за враќање на стари долгови и дел за покривање на буџетски дефицит.