Нов тендер за избор на фирма што ќе го доврши неизградениот дел од делницата Бељаковце – Куманово и ќе ја стартува делницата Куманово – Крива Паланка на пругата кон Бугарија, пуштање во употреба на првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, завршување на магистралните гасоводи…
Тоа се дел од ветувањата од власта со кои влегуваме во новата година кај капиталните проекти во инфраструктурата, а чија реализација ќе се следи со нова методологија. За пругата кон Бугарија, неколкудеценискиот проект на сите влади, планиран во три фази со проценета вредност од 600 милиони евра, со буџетот на Министерството за транспорт за годинава се предвидени 1 милијарда и 800 милиони денари, пишува МИА.
По барање од изведувачот, германската „Вибе“, во јуни годинава беше раскинат договорот и прекинати работите на првата делница од пругата, во должина од 30,8 километри. Со тој договор беше предвидено пругата да се изгради до септември 2017 година, а поради проблеми при изведбата, претежно од имотноправен карактер, беше потпишан анекс на договорот со рок за изградба до февруари 2020 година. Реализирани се 54 проценти од предвидените работи, а за овој спор државата најави арбитражна постапка. Министерот Бочварски неодамна најави дека во првиот квартал годинава ќе се спроведе тендер за избор на фирма што ќе ги изгради првите две делници од пругата, односно постапката за избор на изведувач за двете делници ќе се одвива со еден тендер.
Ресорниот министер на крајот на декември информира дека надзорниот инженер го доставил финалниот извештај за извршените работи од фирмата што го напуштила градилиштето. – Потребно е да се распише тендер за доизградба на уште 46 проценти незавршени работи, односно веќе најавивме дека во една јавна постапка ќе ги тендерираме првата и втората фаза од пругата. Очекувам веќе првиот квартал од следната година да се распише тендерот, најави Бочварски. За пругата кон Бугарија, која е дел од Коридорот 8, дел од средствата се обезбедуваат од заеми, а дел се грантови од ЕУ. Потребна е и за патничкиот и за товарниот транспорт, од кои првиот е застапен само со 10 проценти во транспортот. Пругата Битола – Кременица, инвестиција од 21 милион евра, е комплетно завршена веќе една година. Извршен е технички прием и во тек е постапка за издавање употребна дозвола и ставање во функција.
До крајот на 2021 година се очекува да бидат пуштени во сообраќај првите километри од автопатот Кичево – Охрид. Досега се реализирани 350 милиони евра од предвидените 600 милиони. – Ги завршивме сите нови проекти што беа пропуштени при изградба на автопатот Кичево – Охрид. Дури 25 проценти од трасата се препроектираше. Сега имаме чист проект, чист фронт за работа и забрзана динамика на работите. Околу 350 милиони евра досега се инвестирани во овој проект, истакна Бочварски во отчетот за првите 100 дена од работата на ресорот. За во 2021 година е најавена и изработка на проектна документација според концепт што е најповолен за државата за почнување на проектирањето на автопатот Прилеп – Битола и на Тетово – Гостивар на постојната траса, со оглед на проблематичката состојба. – Продолжува и изградбата на автопатот Скопје – Блаце. Интензивно ќе се градат експресните патишта од Штип до Радовиш, од Крупиште до Кочани, експресниот пат од Градско до Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка. Продолжуваме со рехабилитација на преку триесетина регионални патни правци, најави Бочварски. Првата фаза од експресниот пат Штип – Радовиш во вредност од над 42 милиони евра е при крај и се очекува овој патен правец да биде завршен пред рокот, односно пред април 2021 година. Од делницата Штип – Кочани првата фаза е веќе завршена, втората има сериозен прогрес на работите. Во јули 2020 година беше пуштена делницата Штип-Крупише во должина од 14,3 километри, правата фаза од експресниот пат Штип-Кочани. Од ресорот транспорт за годинава ветуваат и интензивирање на градежните активности за изградба на експресниот пат Прилеп – Градско. За првата делница од Градско до Дреново веќе е завршена постапката на преземање на градежните работи од страна на новиот изведувач, а за втората делница од Дреново до Фариш веќе е распишан тендер, кој е во фаза на евалуација. Се очекува на почетокот на годинава да биде избрана нова компанија, која ќе продолжи со градежните работи на делницата од Дреново до Фариш.
Течат постапките за тужбата од шпанската фирма „Конструксионес Рубау С. А.“, со која беше раскинат договорот, а според надлежните, тоа не ја спречува државата да распише нов тендер за изградба на делницата. На експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, пак, прогресот на едната делница е 40 проценти, а се очекува да се засилат активностите во текот на 2021 година и на вториот лот. Воо финална фаза е проектот за нов експресниот пат од Струмица-преку Валандово до автопатот на Коридор 10 кај Смоквица. Се очекува проектирањето да биде завршено на почетокот на следниот месец со што ќе се знае конечната цена на чинење и ќе се работи на обезбедување финансии за да може да се стартува со изградбата.
За магистралните гасоводи за 2021 година се проектирани 750 милиони денари, додека целосното завршување на националниот гасовод, според проценките, ќе чини уште 200 милиони евра. Во 2021 година, според најавите, ќе заврши изградба на двата магистрални гасоводи, од Неготино преку Прилеп до Битола и вториот од Скопје преку Тетово до Гостивар. Преку Национални енергетски ресури се подготвуваат постапки за изградба на нови траси, како и интерконекциски врски со соседните земји. – Гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар од 86 километри заклучно со септември е реализиран 66 отсто и очекувам да биде завршен до втората половина следната година заедно со мерните станици и краковите кон градовите. Од Клечовце до Неготино е завршена работата, додека Неготино – Прилеп – Битола е до 92 проценти, информира премиерот Зоран Заев минатата година, при последниот увид на активностите на терен. Клучен проблем за текот на изградбата на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар во изминатиот период беа имотноправните работи, а поради пандемијата Управата за имотноправни работи ги прекина расправите по предметите од март до ноември 2020 година.
Се очекува до втората половина на годинава да се заокружат и работите на делницата од Неготино кон Битола со сите потребни испитувања, каде се преостанати уште 2,5 километри. За кракот кон Кичево веќе има одобрение за градба и е добиена прелиминарна поддршка од ЕБОР за финансирање, а откако студијата за животна средина ќе биде адаптирана по нивните правила се очекува старт со градба во текот на 2021 година. Потоа треба да се продолжи со проектирање на делницата од Кичево кон Охрид и од Охрид до Битола за да се затвори целиот прстен. Веќе е направена студија за животната средина и за проектот од Неготино до Гевгелија за интерконекторот со Грција, доставена е апликација во Министерството за животна средина и се очекува да бидат закажани јавни расправи.
– Очекувам до крајот на 2020 година таа постапка да заврши, веќе имаме подготвено инфраструктурен и основен проект, така што очекуваме дека некои проблеми што ги имавме со грчката страна со ДЕСФА за банкарските гаранции ќе ги надминеме брзо за и таа делница да почне да се гради наредната година, информираше лани директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи.
Делницата, потенцира тој, е исклучително важна не само од геополитички, туку и од економски аспект и ќе имаме пристап до повеќето сегашни и идни терминали што ќе се градат во Грција. Во гасниот терминал „Александрополис“, како што е најавено, нашата држава ќе учествува со директрна инвестицјја од 6,5 до 7,5 милиони евра, односно ќе има 10 проценти учество.
Минатата година се реализирани сите предвидени средства во делот на станбената изградба, а за 2021 година за таа намена преку Транспорт се планирани 130 милиони денари. Преку Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор во државава се градат вкупно 579 социјални станови. Продолжува изграбата на вакви објекти во Пробиштип, Свети Николе, Виница, Бутел, Неготино, Демир Капија, Гевгелија и Велес, а во тек се постапки и за социјални згради во Сарај, Кочани, Пехчево и Дебар.
Според проекциите, комуналната инфаструктура во државава ќе се подобрува со 937 милиони денари. Со средства преку Европската инвестициска банка годинава треба да се инвестираат 438 милиони денари за изградба на водоводни и канализациски линии, а преку КФВ банката се инвестираат дополнителни 227 милиони денари за унапредување на комуналната инфраструктура. Обезбедени се средства за доизградба на канализациониот систем во индустриската зона Визбегово, во Ѓорче Петров, во Арачиново, во Ново Село, во Банско-струмичко. Дополнително од посебна програма на Министерството за транспорт се проектирани 58 милиони денари за подобрување на водоснабдувањето и канализациските мрежи. Меѓу капиталните проекти во кои ќе се вложува годинава е и браната Отиња во Штип, за којашто се одвоени 150 милиони денари. За капиталните инвестиции годинава се проектирани 23 милијарди денари, во инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата и земјоделството. Со цел да се испорача високо ниво на реализација на капиталните проекти, според најавите, на централно ниво ќе се формира единица за надгледување и за нивно спроведување.
Институците ќе бидат обврзани во првото тримесечје да реализираат најмалку 15 проценти од планираните средства, во вториот квартал до 40 проценти, односно 65 проценти до третото тримесечје, во согласност со Законот за извршување на Буџетот за 2021 година. Во спротивно, парите ќе бидат одземени и доделени на друга институција.