Прпарим Авдили, чијашто фамилија потекнува од Кумановско, е номиниран за кандидат за градоначалник на Цирих од страна на Либералната партија (ФДП). Веста ја објави самиот преку Фејсбук, каде што спомена дека е дете на имигранти кои се доселиле во Цирих.

„Пораснав во Цирих, дете на имигрантско семејство. Одев на училиште во Алтштетен и Албисриден и сè уште редовно играм фудбал со моите пријатели во соседството. Го сакам тоа што го правам и го сакам овој град. И имам длабоки корени тука,“ напиша Авдили.

Тој изрази благодарност до одборот на ФДП за довербата и истакна дека сака да го види Цирих како вистинска европска метропола.

„Сакам Цирих понатаму да се развива. Цирих да напредува. Цирих конечно да се перципира како метропола“, наведе Авдили.

Авдили е финансиски директор на непрофитната организација libs во Северен Цирих, каде што раководи со обука на 1.500 практиканти во техничките индустрии.