Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски денеска изјави дека набрзо ќе биде избран в.д. претседател на Врховниот суд, а изборот како што појасни доцни бидејќи се уште не се спроведени постапките за интегритет и психолошкиот тест.
„Комисијата не успеа да го направи тоа, бидејќи имавме повеќе од 70 кандидати од Академија, кои исто така се тестираа. Претпоставувам тоа беше причината што повеќе се даде приоритет таму, бидејќи има многу кандидати и така се пролонгира постапката. Меѓутоа за брзо време ќе биде избран. Затоа изборот е ставен на седница на Судски совет, бидејќи во среда истекува мандатот на актуелниот претседател на Врховен суд, појасни тој пред почетокот на седницата на Судски совет.
На прашањето дали седниците на Судскиот совет кои се закажани за денеска и утре се користат како алиби за членовите за кои се бара интерпелација, да не присуствуваат на седницата на Собранието, Камбовски рече дека не постои таква намера.
„Апсолутно не. Немаше никаква намера. Ние кога се закажуваше нашата седница не знаевме дека ќе биде на иста дата и собраниската седница. Нашава седница воопшто не е пречка таа да биде одржана, и обратно, собраниската, пак, да биде пречка нашава да се одржи. Доколку некој од колегите изрази желба да отиде таму и да даде изјава, ние тука ќе ја прекинеме седницата и ќе почекаме да се врати. Значи нема да има никаква пречка ниту во Собрание, ниту во Судскиот совет“, појасни Камбовски и додаде дека останува да одлучат сами дали ќе бидат присутни на собраниската седница или не.
„Тоа е нивен избор, јас не можам во нивно име да кажувам, и не знам кој од нив одлучил да оди и да го користи правото да се обрати на Собранието. Доколку некој одлучи, ние тука ќе ја прекинеме седницата, ќе дадеме можност на колегата да отиде во Собрание, да си даде таму изјава, па ќе го почекаме да се врати назад и ќе продолжиме со нашата работа“.
Околу тоа дали очекува некој од нив да поднесе оставка, одговори дека тоа е личен чин.
„Не знам, тоа е личен чин, индивидуална одлука. Не можам јас, ниту очекувам, ниту не очекувам. Не знам како ќе се одлучат колегите, посочи Камбовски.
Камбовски кажа дека има пријавено кандидати за судии во сите судови, но нагласи дека смета оти нивниот избор нема да ги реши проблемите, туку само ќе ги ублажи.
„Треба уште судии за основните судови. Со ова го ублажуваме проблемот, но не го решаваме целосно’, нагласи тој.