Комисијата формирана од Судскиот совет првично треба да изврши увид во претходниот предмет што се водел против возачот кој ја усмрти Фросина Кулакова, за понатаму да утврди дали имало неправилности во постапувањето.
Претседателот на советот, Александар Камбовски, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека малку е чувствително времето, затоа што предметот во овој момент се наоѓа пред Апелацискиот суд во Скопје и затоа комисијата треба да постапува внимателно за да не се содаде притисок врз овој суд кој одлучува по првостепената пресуда.
„Комисијата треба внимателно да изврши увид и откако ќе заврши со увидот, ќе направи свој извештај. Ќе се постапува паралелно. Меѓутоа, убаво би било да внимаваме бидејќи не сакаме да почувствува Апелациониот суд некаков притисок од наша страна. Доволен е притисокот што веќе го има од јавноста врз тој суд“ истакна Камбовски, по седницата на Судскиот совет.
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. Нему лани му се судело и за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и прекурсори, но судот му одредил мерка поправен дом третирајќи го како помлад полнолетник. Тогаш Обвинителството поднело жалба на пресудата, по која се уште одлучува Апелација.