Европската Унија останува посветена на поддршката на Северна Македонија на нејзиниот пат кон полноправно членство во Унијата, изjaви високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас на денешната заедничка прес-конференција со претседателот на Владата на РС Македонија Христијан Мицкоски.

„Штотуку имавме продуктивна средба на која разговаравме за повеќе важни теми. ЕУ останува со Северна Македонија. Вие сте првата земја во регионот која го потпиша партнерството за безбедност и мир, што обезбедува заедничка поддршка за Украина и за цела Европа,“ изјави Калас, нагласувајќи ја улогата на земјата како стабилен и сигурен партнер за регионалната безбедност.

Таа ја пофали Северна Македонија како прва земја што почна да ги користи придобивките од новиот ЕУ план за раст за Западен Балкан, што, според неа, покажува сериозна посветеност на реформите и европската агенда.

„Северна Македонија припаѓа во Европската Унија. Вие веќе сте дел од нашата заедничка безбедносна политика, а тоа е од клучно значење во време на геополитички предизвици. Ве охрабрувам да останете на истиот пат и да ги преземете потребните чекори за отворање на пристапните преговори,“ порача Калас.

Таа ја изрази и поддршката на ЕУ за натамошна борба против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото, оценувајќи дека тоа се фундаментални вредности за кои Унијата ќе продолжи да обезбедува поддршка – без разлика на политичкиот контекст.

„Напредокот може да биде брз доколку има политичка волја за тоа. Албанија и Црна Гора се добар пример за тоа. Секако Северна Македонија се соочува со носење избори за своите граѓани и за иднината. Веруваме дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најдобриот рецепт за мир и безбедност во целиот регион. Ајде да се придвижиме заедно – ЕУ останува покрај вас,“ заклучи Калас.