Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, изјави дека Кремљ не ги сфаќа сериозно преговорите за Украина и дека Брисел размислува за назначување специјален претставник кој би ги претставувал 27-те членки на Унијата на преговарачката маса.

Во интервју за порталот „Јуроњуз“ Калас предупреди дека мировните напори околу Украина ризикуваат зајакнување на руската агресија доколку Москва не биде принудена да направи вистински отстапки.

Таа ги изрази своите стравувања за преговорите меѓу Русија и Украина, кои беа посредувани од САД и кои досега не дадоа резултати. Таа оцени дека застојот во преговорите покажува недостаток на сериозност на Кремљ, бидејќи Украина е под притисок да се согласи на отстапки.

„Тие (руските преговарачи) навистина немаат сериозни луѓе на масата“, рече Калас, додавајќи дека од оваа рунда преговори не се очекува ништо.

Високата претставничка за надворешна политика призна дека за прв пат од почетокот на големата инвазија на Украина, администрацијата на Трамп ги донесе двете страни на преговарачка маса, но таа истакна дека постои очигледна нерамнотежа помеѓу она што се бара од Киев и она што се бара од Москва.

„Видовме само каде Украинците се подготвени да направат отстапки за да се стави крај на војната. Не видовме никакви отстапки од руската страна“, изјави Калас за „Јуроњуз“.

Калас рече дека болните отстапки, главно во врска со територијата, се наменети само за Украинците. Таа истакна дека на Украинците е да одлучат за какви отстапки се подготвени и предупреди против руските преговарачки тактики.

Додаде дека Русите бараат максимум, нешто што никогаш не било нивно, дека тие упатуваат закани и ултиматуми, користат сила.

Во меѓувреме, се повеќе има повици ЕУ да назначи специјален пратеник кој ќе го претставува блокот и ќе ја поддржува Украина во преговорите.

Калас не сакаше да шпекулира со имиња за таа позиција, но истакна дека фокусот треба да биде на мандатот и целта на назначувањето на претставникот.

„Поентата во моментов не е за личноста, туку за тоа што и колку сакаме да добиеме со тоа назначување“, изјави шефицата на дипломатијата на ЕУ за „Јуроњуз“. „Ако Русите мислат дека постигнуваат максимални цели со Американците, зошто би разговарале со Европејците“, праша таа.

Наместо тоа, Калас верува дека Русија мора да се стави во позиција каде што „транзитира од преправање дека преговара кон вистинско преговарање“, што би барало сила и единство на Западот.

Текстот Калас: Кремљ не ги сфаќа сериозно мировните преговори, ќе бидат принудени да направат вистински отстапки е превземен од МАКФАКС.